Националните библиотеки на Македонија и Словенија денеска потпишаа нов Договор за соработка во рамки на манифестацијата „Денови на словенечка книжевност во Република Македонија“ која се одржа во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Директорите на двете библиотеки, Сенка Наумовска и Мартина Розман Салобир, како и амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец, изразија задоволство од потпишувањето на новиот Договор за соработка.
Наумовска рече дека средбата со словенечките автори е четврта по ред што ја организира НУБ „Св. Климент Охридски“. – Се радувам што ова е средба со словенечките автори. Очекувам дека овие средби ќе продолжат да се одржуваат. Пред 90-тите години на минатиот век додека бевме во една заедничка држава ние растевме со таа иста литература. Нам ни беа исто важни и Цанкар, и Жупанчич, и Прешерн. Имаме голем број преводи кои ги красат нашите витрини, истакна Наумовска.
Во рамки на манифестацијата се одржа книжевна средба со афирмирани словенечки автори – Иво Светина, кој е претседател на Друштвото на словенечки писатели, и Јуриј Худолин и Станка Храстељ, како и тркалезна маса на тема „Книжевниот превод како предизвик и неопходен процес“. Модератор на дискусијата беше проф. д-р Александар Прокопиев, кој имаше осврт и за творештвото на авторите – учесници од Словенија.
Во НУБ по повод настанот беше отворена изложба на книги од автори од Словенија преведени на македонски јазик и објавени во периодот од 1991 до 2017 година.
Во рамки на манифестацијата, во галеријата „Остен“ вечер во 19 часот ќе биде отворена изложба на дела од словенечки сликари од колекцијата Остен – Музеј на цртеж.