Во рамки на последниот ден на Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ) вечер во Младинскиот културен центар ќе бидат изведени претставите „Невини“ на Словенско младинско гледалишче, во режија на Диего де Бреа и „Лев“ на италијанската театарска група „Мута Имаго“, во режија на Клаудија Сораче.
Претставата „Невини“ е базирана на истоимениот филм на Лукино Висконти и претставува приказна за интимниот триаголник што се одвива во вилите на римската аристократија каде декорот е внимателно избран, во сензуалната атмосфера на палатите во италијанските селски предели, каде хероите на Висконти во раскошни костими, со возвишена дистанцираност од своите емотивни светови, се чини дека се замрзнати во времето.
„Лев“ е претстава базирана на погледот на светот на Лев Засетски, пациент на познатиот руски невропсихијатар Александар Лурија. На страниците на неговиот дневник се зборува за секој од нас и за тоа како се чувствуваме ние денеска. Станува збор за монодрама во која на суптилен начин се поставува прашањето за тоа што се случува во човечкиот мозок кога еден куршум ќе му ги уништи сеќавањето и идентитетот.
Во рамки на последниот фестивалски ден, покрај претставите, во 12 часот на сцената Зебра ќе се одржи и презентација на резултатите од мастер работилницата за танчери и актери под водство на Рисима Рисимкин.
Во 14 часот во МКЦ, фоаје на кино Фросина, ќе се одржи промоција на специјалниот тематски број посветен на театарот на списанието за литература, култура и уметност „СУМ“ од Штип, објавен по повод 20-годишнината од неговото постоење. Станува збор за посебно издание во вид на книга со современи драмски текстови од пет македонски автори-Венко Андоновски, Блаже Миневски, Томислав Османли, Христо Петрески и Трајче Кацаров. Изданието ќе го промовираат Петрески, кој е составувач на изборот и автор на воведниот текст заедно со главниот и одговорен уредник Кацаров.