Манифестацијата „Недела на франкофонски филм“ во организација на Францускиот институт во Скопје, задутре ќе започне во Кинотеката на Македонија со проекција на францускиот филм „Готвачката на Претседателот“ во режија на Кристијан Венсан, снимен во 2012.
Филмската манифестација се одржува по повод 20 Март – Меѓународниот ден на франкофонијата. Се организира во соработка со дипломатските претставништва на франкофонските земји, ТВ-мрежата АРТЕ и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА-Скопје.
Во четврток, 21 март, ќе биде прикажан швајцарскиот филм „Детето одозгора“, на 22-ри е бугарско-швајцарско-германската копродукција „Балканска мелодија“. Во сабота, 23 март, ќе има два филма – од 19 часот е белгискиот „Џинови“, а од 21 часот грчкиот „Невести“, а в недела во терминот од 20 часот на програмата е унгарскиот „Таксидермија“.
Француско-австрискиот филм „Густав Малер, аутопсија на еден гениј“ ќе биде прикажан идниот понеделник, а наредниот ден е проекцијата на канадскиот филм „Господин Лазар“. Неделата на франкофонски филм ќе заврши во среда, 27 март, со омажи за Владо и Љубе Цветановски – првиот омаж е документарен филм режиран од екипа на ЕСРА, а вториот -„Мојот татко Изет“ е филм во продукција на МТВ.
Во рамки на манифестацијата ќе биде поставена изложба на плакати од француски филмови од Бугарија. Неделата на франкофонски филм официјално ќе ја отворат француската амбасадорка Лоренс Оер и бугарскиот амбасадор Иван Петков.