Недела на австралиски филм во Кинотека

Од:

„До крајот на светот и понатаму“ е насловена Неделата на австралиски филм која Кинотеката на Македонија ќе ја организира од денеска до 30 јануари и ќе прикаже пет филма од австралиската кинематографија снимени во изминатите две децении.

Филмската ревија ќе почне вечер во 20 часот со играниот филм „Црниот балон“ од 2008 година, по сценарио и режија на Елиса Даун. Утре на програмата е „Џиндабајн“ од 2006 во режија на Реј Лоренс, в понеделник ќе биде прикажан „Црвениот пес“ на режисерот Крив Стендерс од 2011 година, „Чинијата“ во режија на Роб Сич од 2000 година е на 29 јануари и „Ромул, мојот татко“ на режисерот Ричард Роксбург од 2007 година, со кој на 30 јануари ќе заврши Неделата на австралиски филм.

Кинотеката наведува дека од австралиската кинематографија, навидум мала во споредба со Холивуд, продукциски произлегле големи кинохитови како „Крокодилот Данди“ од 1986 со Пол Хоган, со вкупна заработувачка од 328 милиони американски долари, неговото продолжение во 1988 година со 240 милиони долари профит, како и „Лудиот Макс: Патот на гневот“ од 2015 на Џорџ Милер…

Златната ера на современата холивудска филмска продукција, посочува Кинотеката, е незамислива без дузина актери, режисери и останати професионалци на значајни креативни позиции во чии лични документи како место на раѓање е запишан некој град од Австралија.

-Долга е раката на австралиските филмски режисери во холивудските филмски студија, кои по успехот во кинематографијата на родната земја направија уште поголем светски успех: Питер Вир, Џорџ Милер, Брус Бересфорд, Филип Нојс, Џилијан Армстронг, Баз Лурман, Фред Шеписи, Расел Малкахи или Пи Џеј Хоган се само најпознатите имиња. Уште подолга е листата на успешни и популарни актери со австралиско потекло…, пишува Кинотеката во најавата на Неделата на австралиски филм.

Би можело да ве интересира

Кинотеката ќе прикаже три филма со Марлон Брандо по повод еден век од неговото раѓање

Кинотека во рамки на проектот Сезона на филмски класици ќе го реставрира Мис Стон

Предраг Петровиќ

„Мојот последен здив“ – промоција на автобиографијата на Луис Буњуел во Кинотека

Ана Ололовска

„Кино за млади“ во Кинотеката

Недела на италијанската кенематографија во Кинотека

Ана Ололовска

Анимирани и филмови за тинејџери во Кинотеката

Ана Ололовска