Најмалиот етнолошки музеј на Симеон Златев-Моне што се наоѓа во тетовско Џепчиште во рамки на Европските денови на културно наследство оваа година на посетителите им нуди да видат посебна поставка со верски реликвии, како и двете најнови негови книги. Иако Деновите на културно наследство траат до 7 октомври, во Музејот ќе може да се погледнат и понатаму.
-Како и постојано, во мојот Музеј и за овие денови е отворено и бесплатно за сите граѓани да дојдат и да ги видат моите седма и осма книга. Во седмата моја книга „Исповед“ се содржани десетина дипломи од минатиот век од стари занаети од минатото, од кои дел и не постојат како дејности. Во осмата моја книга со наслов „Македонски етнолошки буквар 31“ за секоја буква на страницата се поставени од еден до шест предмети кои ги има во самиот музеј, вели Симеон Златев-Моне.
Дел од Европските денови на културно наследство се и предметите-стотина верски реликвии, кои се веќе поставени во поставките на музејот.
-Станува збор за повеќе од 100 предмети, верски реликвии од разни видови материјал-керамика, бакар, железо. Тие се дел од колекцијата на музејот собирани изминатите три децении, кои претежно сум ги купувал, дел имам добиено како наследство и како подарок, објаснува Моне.
Најмалиот етнолошки музеј веќе достигнува 30 години од формирањето во 1991 година. Карактеристиката на најмал етно музеј ја доби поради основната просторија од само 7,2 метри квадратни, каде се сместени над илјада предмети од минатото.
-Во овие три децении бележам над 40 илјади посетители, од нашите сограѓани, претседатели и многу екстравагатни личности. Во 2012 година тука беше Карл Пилкингтон, најмалиот актер во најмалиот етно музеј како дел од од документарецот „По трагите на Марко Поло“, се потсети Моне.
Тој со неговите над 2.000 предмети има учествувано во педестина изложби во земјата и странство. Музејските предмети се користени за изработка на дипломски работи, магистерски трудови и докторски дисертации.