Традиционалниот концерт по повод празникот Василица ќе се одржи денеска и утре со почеток во 20 часот во Националната опера и балет.
Овогодишниот концерт на НОБ е насловен „Најголемите хитови“, односно направен е избор од најдобрите хитови од досегашните василичарски концерти со симфониски аранжмани. Публиката ќе има можност да ужива во популарните светски и македонски хитови во изведба на оперски и поп солисти, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Настанот ќе се одржи според протколите предвидени за одржување на настани во затворен простор, при што ќе биде задолжително носење заштитна маска. Билетите се достапни на билетарницата и на веб-страната на Националната опера и балет.
Василичарскиот концерт почна да се одржува од 1993 година, па се до денес, со цел да се прослави Старата Нова Година. Концертот стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас, велат од НОБ.