Наградата „Менада“ на „Танц фест 2020“ за Џоан Мајерс Браун од САД

Од:

Под мотото „Потрага по допир“, во септември ќе се одржува „Танц фест 2020“ на кој првпат еден дел од програмата ќе се одржи во живо во форма на танцов маратон. Ќе биде доделена и традиционалната фестивалска награда „Менада“ за исклучителни достигнувања во областа на танцот, која годинава, со одлука на Советот на фестивалот, ќе ја добие Џоан Мајерс Браун, легендата на американската танцова сцена.

Џоан Мајерс Браун и нејзината компанија „Филаданко!“ во 2012 година учествуваа во програмата на „Танц фест“, а тоа беше и првата американска компанија која гостуваше на фестивалот. Таа е добитничка на голем број награди и признанија, меѓу другите и на Националниот медал за уметност на САД, највисоката граѓанска чест за извонредни достигнувања во уметноста, доделена од претседателот Барак Обама во 2013 година.

– Џоан Мајерс Браун е една од исклучителните личности чие дело одблизу можевме да го видиме и во Скопје, лично да ја запознаеме и да ја почувствуваме нејзината незапирлива енергија, за што сме исклучително благодарни. Со својата работа во уметноста, креациите, но пред сѐ со визијата која непоколебливо ја има, се вбројува во редот на најзначајни уметници на 20-тиот и 21 век на светската танцова сцена. Советот на „Танц фест Скопје“ ѝ ја доделува оваа награда, за нејзината исклучителна посветеност и уметнички придонес за развој на танцовата уметност на светско ниво, преку активното делување и творење во областа на балетот и современиот танц, соопшти „Танц фест“.

Џоан Мајерс Браун е основач на Компанијата за танц од Филаделфија (The Philadelphia Dance Company) или „Филаданко!“ и на Школата за танцова уметност во Филаделфија (The Philadelphia School of Dance Arts). Почесен претседател е на „Меѓународната асоцијација на Афроамериканците во танцот“ (International Association of Blacks in Dance – IABD), која ја основала во 1991 година. Основач е и на International Conference of Black Dance Companies и има признанија почесен доктор на неколку универзитети.

Дел е од биографскиот речник на значајни живи личности „Кој е кој во Америка“ (Who’s Who in America), каде е опишана како „иноватор и комуникатор“ со значаен придонес во националните и меѓународните уметнички заедници. Прогласена е за една од десетте најдобри личности од Филаделфија од „Philadelphia Magazine“ во 2012. Нејзиното наследство е документирано во публикацијата од 2011 година на танцовиот критичар и автор на повеќе книги посветени на танцот, Бренда Диксон Готшилд, со оригинален наслов „Јoan Myers Brown & the Audacious Hope of the Black Ballerina: A Biohistory of American Performance (Palgrave)“.

Би можело да ве интересира

Скопје ќе пречека стотици танчери в сабота на голем меѓународен танцов напревар

„Импулс“ – претстава на студентите од прва и втора година на Катедрата за современ танц при УГД

Ана Ололовска

Започнуваат со работа програмите од втор циклус студии на Катедрата за современ танц при УГД

Ана Ололовска

Премиерна изведба на „Парадоксот на Диоген“ во МКЦ

Ана Ололовска

Почнува седмото издание на „Битрикс танцова лига“

Скопје танцовиот театар ја отвора сезоната со танцов перформанс и филм

Ана Ололовска