Нацоски одбележува деценија од настапите на меѓународна сцена

Од:

Во Македонската опера и балет (МОБ) евечер ќе биде изведена оперската претстава „Севилскиот берберин“ од Џоакино Росини.

Со улогата на грофот Алмавива, нашиот познат тенор Благој Нацоски ќе одбележи 10 години од настапите на меѓународната сцена.

Македонскиот тенор Благој Нацоски ги освојува сцените на најпрестижните оперски сцени во светот од самиот почеток на неговата кариера, афирмирајќи се пред се како еден од најуспешните изведувачи на моцартовите партии. Роден е 1979 година во Скопје во семејство на музичари. Уште од најрана возраст покажува особен талент и афинитети кон музиката. Пеењето почнува да го изучува во родниот град, а во 1997 учествува на првиот меѓународен Мастерклас по пеење на Интерфест Битола со светски познатите уметници и педагози Мирела Паруто и Антонио Боаје, што претставува и круцијален момент за да замине во Рим каде го продолжува своето музичко образование.

Во 2003 година дипломира на Конзерваториумот „Личинио Рефиче“ во Фрозиноне. Се усовршува со Силвија Боса во Фиренца. За време на школувањето во Италија, остварува богата концертна дејност низ Македонија и Италија, а истотака освојува и многубројни меѓународни награди и признанија.Неговата кариера започнува во февруари 2003 година со настапот на сцената на Римската Опера (Театро делл’Опера ди Рома), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Ја исполнува улогата на Артуро во операта „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети, под диригентската палка на Маестро Даниел Орен и режија на Греам Вик. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, склучувајќи ексклузивен договор со менаџерскиот „гигант“ ИМГ Артистс.

Настапува во најпрестижните театри низ целиот свет како Тетарот Реџо во Парма, Операта во Каљари, Театарот Верди во Трст, Театарот Карло Феличе во Џенова, Театарот Петруцели во Бари, Цирих Опернхаус, Операта во Франкфурт, Баварската Државна Опера во Минхен, Државната Опера во Штутгарт, Операта во Сиетл, Кралската Опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската Опера во Торонто, Театарот Бунка Каикан во Токио, Националниот Театар во Токио, Рјутопија Центар во Ниигата, Сантори Хол во Токио, Полската Национална Опера во Варшава, Градскиот Театар во Клагенфурт, како и Фестивалите во Салцбург и Мишколц, пеејќи ги главните тенорски роли во оперите Дон Џовани, Така прават сите жени, Волшебната флејта, Грабнување од Сарајот, Сонот на Скипион од Моцарт, Севилскиот Бербер, Италијанка во Алжир, Турчин во Италија од Росини, Дон Паскуале од Доницети, Сонамбула од Белини, Свртување на штрафот и Сонот на летната ноќ од Бритн, како и Вердиевите Фалстаф и Отело и Аријадна на Наксос од Р. Штраус.

Освен на оперската музика Нацоски и се посветува и на камерната и на симфониската.

Во денешната изведба на „Севилскиот берберин“ покрај Нацоски ќе се појават и гостите од Италија, Кармине Монако, Адријана Јоција, Франческо Верна и Кристијан Фаравели во улогите на Дон Бартоло, Розина, Фигаро и Дон Базилио.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Успешен настап на Националната опера и балет во Народниот театар во Белград со „Севилскиот берберин“

Ана Ололовска

Традиционален Гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ 2023

Ана Ололовска

„Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во Национална опера и балет

Во Националната опера и балет ќе се изведе операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи

Горан Наумовски