На „Охридско лето“ вечерва концерт на флејтистот Страшо Темков и пијанистката Наташа Вршкова

Од:

 Годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со музичката програма, со вечерашниот концерт на флејтистот Страшо Темков, во пијано придружба на пијанистка Наташа Вршкова.

Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација. За време на студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје и последипломските студии на Музичката Академија „Панчо Владигеров“ во Софија соработува со реномираните уметници и педагози од Македонија и Балканот и добива повеќе награди на државните и меѓународни натпревари.

Подолг период е прв флејтист во Македонската филхармонија, а остварува и бројни солистички и камерни настапи на концертните подиуми со оркестри, со рецитални програми, како учесник на реномираниот Македонски дувачки квинтет и други камерни состави.

Страшо Темков има настапувано на познатите фестивали во земјава и странство како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, НИМУС – Србија и други. Тој е меѓу малубројните македонски уметници кои настапиле во „Карнеги-хол“, една од најпрестижните светски концертни сали. Страшо Темков има издадено два компакт-диска со разновиден репертоар. Покрај уметничката дејност тој активно се занимава со педагогијата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Марија Вршкова се вбројува меѓу најактивните и сестрани македонски музички уметници од помладата генерација – како солист, камерен музичар, пијано соработник кој настапува со врвни македонски и светски уметници на концертните и фестивалските подиуми во повеќе европски земји и САД.

Покрај бројните ЦД-а како пијано соработник, го снимила и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Марија Вршкова е добитник на наградата за специјално уметничко достигнување како пијано соработник на интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ и наградата „Виртуози“ за најдобриот изведувач во 2012 година.

Целовечерниот концерт на Темков и Вршкова ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се дела на Дворжак, Хју, Поп, Рутер.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ