Во Драмски театар вечер, во рамки на МОТ, гостува АБЛС од Брисел со „Тант амати“ во кореографија и изведба на Ерика Зуенели и Себастијан Јакобс, а во МКЦ е театарската претстава „Трговците“ на Лабораторискиот театар Лоја од Приштина.
Тант амати го обработува тоа што ги оддалечува душите, телата и животите на луѓето до точка на отуѓување, со употреба на повторувањето како средство обработено со огромна префинетост. И покрај тоа што брачниот живот бил инспирација за создавање бројни претстави, тоа што го нуди Ерика Зунели во своето дело, се карактеризира со забележлива суптилност, најмногу зашто повеќе се осврнува кон распаѓањето на битието, отколку кон личното злосторство, и сето тоа преку анализа на ритамот на секојдневието.
„Трговците“ е според оргиналната драма „Во самотијата на памучните полиња“. Режисер, сценограф и костимограф е Беким Луми.
„Во самотијата на памучните полиња” од познатиот современ француски автор Бернар-Мари Колтес, е поставена од Луми и четири млади актери, за време на една година истражување и креативност. Претставата и се прикажува на публиката првпат на албански јазик во форма на експериментална-лабораториска креација со која, на тематско ниво, се проучува феноменот на правењето зделки или привлечноста и одбивноста на биполарноста помеѓу „продавачот” (трговец) и „купувачот” (клиент).
На МОТ денеска, на сцената Зебра, мастер клас ќе одржи Рисима Рисимкин. Темата е „Тело и ум“. Учесниците ќе имаат можност да слушнат за врската меѓу телото, неговите можности и умот. – Колку свесно можеме да влеземе во движењето? Кое движење е умствено? Дали воопшто постои такво, ќе бидат прашањата што ќе ги отвори аботилницата.