Директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска, Бобан Јевтиќ, директор на Филмски центар Србија, Ненад Дукиќ, филмски критичар и продуцент од Србија и Павлина Желева, продуцентка и филмска критичарка од Бугарија, денеска на ИФФК „Браќа Манаки“ приредија јавна дискусија за успешните филмски копродукции на Балканот.
Според учесниците на дискусијата, влегувањето во копродукција е еден вид гаранција за квалитетот на филмовите, бидејќи филмскиот проект на тој начин добива евалуација од повеќе држави, а на крај и од европскиот фонд „Еуримаж“.
– Во последно време не само ние, како балкански регион, туку се повеќе и во пошироки европски рамки, регионалните копродукции се гледаат како вистински нов модел на филмска продукција, каде што навистина е многу олеснета целокупната соработка. Олеснета е соработката помеѓу продуцентите, како и институциите задолжени за финансирање на филмските проекти. Соработката и поддршката помеѓу балканските држави е многу значајна од аспект на отворање нови можности на филмските професионалци и размена на искуства, како и за присутноста на балканската кинематографија на европските фестивали, истакна Ѓоргоска-Илиевска.
Според Ненад Дукиќ, филмски критичар и продуцент од Србија, копродукциите се неизбежни, пред се, од финансиски аспект.
– Секако дека режисерите најмногу би сакале да го снимаат филмот само во една држава, бидејќи копродукцијата ги прави работите понепредвидливи за режисерите. Финансирањето е клучната причина што се одлучуваат на таков чекор, истакна Дукиќ.
Павлина Желева, долгогодишна филмска критичарка од Бугарија, која работи и како продуцентка, истакна дека обиди за соработка помеѓу балканските држави имало одамна, на ниво на средби и разговори, но во моментов таа визија за соработка која ја имале тогаш сега е овозможена и финансиски со помош на европските фондови.
– Луѓето од Балканот меѓусебно одлично се разбираат, како јазично, така и по култура и менталитет, и мене ми претставува големо задоволство да соработувам со државите од овој регион, рече Желева.
Учесниците на јавната дискусија соопштија дека работат на иницијативата да се формира Балкански филмски фонд, кој ќе овозможи снимање филмови независно од буџетот што тие ќе го добиваат од националните фондови и агенции за филм во балканските држави.