Крајот на работната недела во Карпош заврши со прекрасно музичко патување со македонскиот тенор и член на Македонската Опера и Балет, Дејан Стоев.
Придружуван од Милан Јанкуловски на клавинова, тие вечерва на карпошани им приредија незборавна музичка вечер со арии од македонски автори, со наполитански канцони и песни од познати мјузикли. Со громогласен аплауз беа проследени „Мариа“, „О соле мио“, ариите од Фирфов и дузина други дела од класичната музика, кои ги заокружија „класичните вечери“ во рамки на Културното лето Карпош 2014.
Вечерната „доза на култура“ беше збогатена и со ликовната изложба на акварели во сопственост на Општина Карпош, нацртани од врвни светски акварелисти од ланскиот Акварелен симпозиум и Вториот конкурс за акварели што го организира Општината.
Оваа изложба е само најава и „увертира“ на големата изложба на акварели која ќе следи по 8 септември, кога завршува годинашниот петти по ред Акварелен симпозиум на кој учествуваат триесеттина ликовни уметници од целиот свет.