Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, ќе потроши 77 илјади евра, за 11 восочни фигури, кои треба да бидат готови до средината на наредната година.
Восочните фигури во Штип се планирани за новиот музеј кој ќе биде во куќата на Андонови, старо штипско семејство. Оваа куќа, Министерството за култура ја откупило пред неколку месеци .
Тендерот за изработка на восочни фигури го добила фирмата АД „Рудници и железарница Институт“-Скопје. Договорот бил склучен пред еден месец, денеска e објавен на страницата на Бирото за јавни набавки.
– Објавен е тендер за санација и адаптација на куќите на познати Штипјани од Ново село, а овој Музеј ќе биде во куќата на Андонови, која што ја откупи владата преку Министерството за култура. Се работи за нов мултимедијален музеј во кој ќе бидат презентирани документи, фотографии, документарни филмови, лични предмети и други архивски предмети. Сето ова ќе се однесува на животот на познати Штипјани од Ново село од постилинденскиот период, односно од 20-тите и 30-тите години на 20. век., вели за А1 он Зоран Ќиткушев, директор на Завод и Музеј Штип.
Директорот Ќиткушев не откри кои личности ќе бидат претставени во восок.За тоа одлучувала комисија на историчари во состав: Зоран Тодоровски, Виолета Ачковска и Никола Жежовски.
Родени во Ново село, меѓу другите се Ванчо Михајлов, Тодор Александров, генералот Михајло Апостолски, а во ова село бил учител и Гоце Делчев.
Споменик на Тодор Александров, излеан во бронза, како дел од проектот „Скопје 2014“, беше поставен во Кисела Вода, а од Владата првично му го дадоа името „Војвода на коњ“. Тогаш од СДСМ реагираа дека никогаш нема да прифатат со народни пари да се величат негативни ликови, како Александров, нарекувајќи го непријател на македонската нација. Восочната фигура на Ванчо Михајлов, пак, беше поставена во Музејот на на Македонска борба.
А.Б.