Мултимедијална промоција на збирката песни „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева

Од:

Збирката песни „Карши“ од авторката Маријана Котевска-Георгиева ќе биде промовирана вечерва во Капан ан во Скопје. Книгата е објавена на македонски и на англиски јазик, а е во издание на „Арс Либрис“, и дел на „Арс Ламина – публикации“.

-„Карши“ е книга за бескрајот на прапочетокот и на иднината кои дишат одеднаш, во исто време во стравот од крајот на мигот. Кои сме ние наспроти (карши) другите: себеси, светот, животот воопшто? „Јас сум процес, не човек“, вели Котевска-Георгиева во една од песните.

Од „Арс Ламина – публикации“ посочуваат дека во метафизичката поезија на оваа книга постојано лебди чувството на немоќ да се пронајде и да се живее вистината, ниту во себе, ниту во другиот.

-Таа лимитираност носи неизвесност и страв од мигот во кој се судираат два бескраја – оној на минатото и оној на иднината. Во овие длабоко чувствени стихови лесно се препознава секој, бидејќи стравот, бегството, треперењето и болката се состојби што читателот го допираат, го болат, го навраќаат, го будат… Преку евоцирање на некои од најдлабоките внатрешни пориви, овие стихови резонираат во нашата утроба, чувствувајќи ги и во грлото и во стомакот, се наведува во соопштението на издавачката куќа.

Англиската верзија на стихозбирката насловена „Across from me“, е преводена од Никола Гелинчески.

Промотори на книгата ќе бидат Иван Додовски и Сузана В. Спасовска, а модераторка на настанот ќе биде Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“.

За време на промоцијата ќе биде поставена и изложба на Сандра Котевска, академска сликарка, магистер по ликовна уметност. Таа е и авторка на корицата и на илустрациите на внатрешните страници на книгата.

Како што најавија организаторите, специјален гостин ќе биде Бранислав Николов, вокалистот на групата „Фолтин“, кој ќе има интерактивен настап.

Би можело да ве интересира

Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книга во Лајпциг

Предраг Петровиќ

Трет Скопски поетски фестивал

Предраг Петровиќ

Промовирана стихозбирката „Ризница” од Мира Георгиевска

Реномираното меѓународно списание „Версвил“ објави тематски број „Поезија од Македонија“

Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на романската награда за поезија „Михаи Еминеску“

Предраг Петровиќ

Промоција на стихозбирката „Куќа во куќа“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска

Ана Ололовска