Во рамки на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието денеска во Струмица ќе биде одржан мултимедијален музички и танцов настап „Традиционално модерни“.
На настанот ќе присуствуваат околу 100 ученици и наставници од струмичките училишта, како и претставници од општина Струмица.
Овој музички и актерски настап на учениците е финален продукт од нивното повеќемесечно учество во креативни работилници и форум театри, како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.
– Целта на креативните процеси во коишто беа вклучени младите е да им се понудат креативни алатки и иновативни пристапи кои ќе придонесат за зајакнување на учеството на младите во меѓуетничкиот дијалог во училишната и пошироката заедница и да ги зголемат граѓанската свест и демократското однесување меѓу младите во Македонија, соопштуваат од УСАИД.
Во првата година од имплементација на проектот, во рамките на осум средни училишта низ Македонија беа спроведени повеќе од 300 креативни работилници со активно учество на околу 160 ученици од различни етнички заедници.