МОТ завршува со „Црнила ремикс“ – хип-хоп изведба на драмата од Коле Чашуле

Од:

Со премиера на „Црнила ремикс“ – хип-хоп претстава според мотиви на класичното драмско дело од Коле Чашуле, по идеја и режија на Јордан Симонов и во продукција на Младинскиот културен центар, вечер ќе заврши 43. „Млад отворен театар“.

Како што соопшти МКЦ, претставата е ставена во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналните препев и музика на хип-хоп групата „Зад аголот“ не носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.

Јордан Симонов вчера на прес-конференција рече дека во кариерата учествувал неколку пати во постановки на „Црнила” од Чашуле, а идејата за ваков проект постоела одамна. Се конкретизирала по средбата со членовите од скопската хип-хоп група „Зад аголот” пред две години.

– Сакав да ја вратам радоста на играњето и оние моменти кога се случува нешто друго од она што досега сум го работел. На овој начин најдовме форма како да им ја пласираме на младите македонската класика за која малку знаат, рече Симонов за претставата која е спој на театар, рап и хип-хоп. Претпремиерно „Црнила ремикс“ беше изведена овој месец на фестивалот „Здраво млади”.

Музиката и препевот се на Дарко Димитриески и Павле Димковски од „Зад аголот“, сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а улогите ќе ги играат: Стефан Вујисиќ (Луков), Александар Михајловски (Фезлиев), Владимир Петровиќ (Иван), Горан Ников (Методи), Ненад Анѓелковиќ (Младичот), Сања Арсовска (Неда) и Павле Димковски (Христов).

Во придружната програма на МОТ денеска напладне во Џебното кино на МКЦ ќе бидат одбележани 70 години од Македонскиот центар на ИТИ (Интернационален театарски институт) на УНЕСКО (1948-2018), а вечер од 22 часот во МКЦ за затворање на фестивалот концерт ќе има шведската група „Fire“.

Во деветте фестивалски дена на 43. „Млад отворен театар“ на осум сцени низ Скопје беа изведени 18 претстави. Фестивалот почна на 20 септември со белгиската „Блокбастер“.

Би можело да ве интересира

Вечерва „Хинкеман“ на независниот театар Златен Елец го отвара 49. МОТ

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска