Кој и зошто го кочи Македонскиот народен театар да го даде бифето под закуп, беше прашањето кое на својот фејсбук го постави директорката на оваа институција Симона Угриновска барајќи одговор од Министерството за култура. Глумци, режисери и други вработени во МНТ исто така се огласија, барајќи да се реши ова прашање затоа што освен место кое им е потребно за да пијат кафе или да изедат сендвич, бифето на оваа институција е често нераскинлив дел од нивниот работен простор односно подготовки на претстави и интеракција со колегите во интерес на работата. Но, со бифето кое треба да биде дадено под закуп, како што е пропишано во правилникот за менаџирање на истото, и натаму како управител стои поранешниот директор Дејан Пројковски кому актуелната директорка му ги враќа вртоглавите суми на долгови направени на штета на МНТ.
Од Министерството за култура за А1 он одговорија дека не биле надлежни за давање на бифето под закуп.
„Ве информираме дека според Статутот на НУ МНТ, бифето е формирано како посебна организациска единица – подружница која нема својство на правно лице и за нејзините обврски е одговорна самата установа. Согласно Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и во општинска сопственост, давањето под закуп на дел од просториите е обврска и надлежност на самите национални установи, корисници на објекти. Доколку установата утврдила потреба од постоење на бифе, според овој Закон има можност да спроведе постапка за отворање на бифе. Од НУ МНТ, до Министерството за култура е доставена Одлука од Управниот одбор со која се бара укинување на подружницата-бифе, постапка која е во тек. Но, независно од менувањето на Статутот на подружницата, Министерството за култура нема надлежност во однос на издавањето под закуп на бифето во НУ МНТ.“
Од друга страна пак МНТ нема надлежност сам да ја згасне подружницата, бидејќи таа е отворена со одлука на Влада во 2016 година во време на Пројковски и од таму тој натаму се води како управител. МНТ без одлука на влада не може да ја згасне подружницата и со самото тоа бифето не може да се даде под закуп.
Минатата година во септември инспекторите ги анализираа јавните набавки што ги вршел поранешниот директор на МНТ, Дејан Пројковски во периодот од 2015 до 2017 година, а имаше индиции за сериозни елементи на кривичното дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно – приватно партнерство.
По влегувањето на полицијата која на увид ја доби целата документација, излезе дека директорот само за 2016 година склучил договори за јавни набавки кои се „под лупа“ со вкупна вредност од 25.165.250.000 денари, или приближно 409.191.000 евра.
Во 2016 година директорот Дејан Пројковски со измена и дополнување на Статутот на МНТ создал дополнителна дејност подготовка и послужување на пијалоци. Отворил и подружница –БИФЕ МНТ кое обавувало трговска дејност, а како овластено лице се поставил самиот, односно е назначен Дејан Пројковски.
Од неговото отворање до денес има создадено вкупни обврски од околу 13.000,00 евра кон добавувачите. Во март минатата годинав извршен е попис на производите во БИФЕ МНТ Скопје и констатирани се состојби на неодговорно работење со производите, односно со изминат рок, недостаток на испорачани производи, производи кои ги нема на листата на набавки, поради што по вештачењето ќе биде иницирана постапка за утврдување на одговорност за незаконското и несовесно работење со подружницата.
За бројните сомнежи за незаконитоста во работењето на Пројковски, лани предметот е доставен до Основното јавно обвинителство, од каде до денес нема информација до каде е постапката за овој предмет.