„Многу врева за ништо“ во изведба на „Театар комедија“ вечерва на „Охридско лето“

Од:

Драмскиот дел од програмата на годинешното „Охридско лето“ продолжува денеска со изведбата на најновата претстава од продукцијата на „Театар комедија“, шекспировата „Многу врева за ништо“.

Режисерот на поставката Дејан Пројковски за вечерашната претстава рече дека отвора прашања за театарот и животот, за животот и сонот, за играта и реалноста, отварање прашања што поединецот ги носи во себе.

– Благодарение на прекрасната екипа создадовме храбра и радикална шекспирова претстава, поставка што се поигрува со жанровите. Од комедија како форма кон трагедија, за преку гротеска повторно да се врати кон комичното. Она што е база на претставата е сепак актерската игра, која бара голем актерски напор и психофизичка подготвеност, способност за трансформирање на актерите во тие жанровски премини, изјави на денешната прес-конференција режисерот Пројковски.

Директорката на „Театар комедија“ Јелена Жугиќ истакна дека во последната претстава доаѓаат до израз индивидуалните вештини на самите уметници, не само да глумат, туку и да пеат, танцуваат на сцената. За режисерската поставка на Пројковски, таа посочи дека тоа е само уште една потврда на неговите способности да создаде претстави што се малку повеќе од театарот.

– Овој Шекспир не го облековме, туку себеси се втурнавме во него, во некаков обратен процес кој навистина има ефект, рече таа.

За носителите на главните улоги во претставата, Атанас Атанасов и Нина Деан, (Бенедикт и Беатриче) проектот „Многу врева за ништо“ бара силна посветеност на актерот, дополнителен напор да се исплива во секоја материја што им се задава.

– Текстот е напишан одамна, а сепак може да се игра и денес, се уште е современ. Оние што ќе ја одгледаат претставата, ќе излезат насмеани со полни срца, а сепак ќе размислат за некои работи, рече Деан.

Инаку, сценските движења и кореографијата за претставата „Многу врева за ништо“ се на руската уметничка Елена Прокопиева, чија поставка е така осмислена да ги извлече од актерите сите вештини што ги носат во себе како потенцијал.

Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија