„МКЦ за Скопје“ – мултимедијален настан за 57 години од скопскиот земјотрес

Од:

„МКЦ за Скопје“ е насловен мултимедијалниот настан кој в недела, 26 јули, ќе го организира Младинскиот културен центар за одбележување 57 години од скопскиот катастрофален земјотрес.

Настанот ќе се одржи во паркот на МКЦ по соодветен протокол и почитување на мерките за заштита. Бројот на посетители ќе биде ограничен, влезот е бесплатен, но со билети кои може да се набават преку bileti.mkc.mk.

„МКЦ за Скопје“ на 26 јули ќе почне вечерта во 19.30 часот со изложба „Култните градби во Скопје“ – избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“. Изложбата ги претставува култните градби во градот Скопје, надополнета е и со видеопроекција. Автори на фотографиите се Горан Јакимовски, Горан Георгиевски, Владимир Арсовски. Селектор е архитект Ѓоко Радовановиќ, а монтажата на видеото за изложбата е на Митко Арнаудов.

Од 20 часот ќе биде промовирана книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, која содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје.

– Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците. Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“. …, соопшти МКЦ за книгата на Иван Шопов. За неа ќе зборува Владимир Јанковски, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.

Мултимедијалниот настан во сеќавање на земјотресот од 1963-та ќе продолжи во 21 часот со учество на „Импров група“ и нивната претстава „Импров настап“ – заснована на игри за импровизација, адаптирани да се играаат пред публика,

Како што најавува МКЦ, „Импров настап“ е комична, непосредна, но комплексно структурирана театарска претстава, обврзана да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив. Во неа играат: Мартин Манев, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски и Наталија Теодосиева, а водител на настапот е Андреј Цветановски.

Од 22 часот во рамки на „МКЦ за Скопје“ е музичката програма и концерт на бендот „Перија“ – во кој членуваат Филис, Кате и Леа кои изведуваат музика на уд, перкусии, тамбура и кемане. По нив ќе настапи „21 век“ – бенд на Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев кои истражуваат експресивна палета на влијанија – од постпанк до македонска традиционална музика, и бендот „Ен2три“ кој за оваа пригода ќе настапи со перформнсот „5:17“.

– „МКЦ за Скопје“ е настан кој нè потсетува на солидарноста на скопјани, на солидарноста кон Скопје, на интензивноста, обединетоста и хуманоста на луѓето, соопшти Младинскиот културен центар.

Би можело да ве интересира

Две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“ во МКЦ

Предраг Петровиќ

Костадиновска Стојчевска: Да се одложат одредени проекти во МКЦ додека да се реши статусот на хонорарците

Синдикатот на МКЦ бара надлежните институции да најдат решение за хонорарно ангажираните лица

Горан Наумовски

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Бени Шаќири нов директор на МКЦ

VILLAGERS OF IOANNINA CITY за прв пат во Скопје