Министерство за култура: МРТВ нè игнорира, Законот за субвениции треба да се укине

Од:

Во врска со правта што се крена во јавноста, а се однесуваше на објавените резултати и одлуки на МРТВ по објавен конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, Министерството за култура нè информира дека минатата година биле извршени јавни консултации со повеќе засегнати страни и било заклучено дека Законот треба да се укине.

„Министерството за култура подготви предлог-закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го достави и побара мислење и од МРТВ. Во таа насока, на 27 декември Министерството за култура доби позитивен одговор од МРТВ, во кое се вели дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, информира ресорното министерство.
Новите одлуки на МРТВ, објавени на 5 јануари годинава, според Министерството создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура.

„Во моментов Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. Факт е дека Законот е сѐ уште на сила и дека МРТВ засега постапува по него сѐ додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине овој закон. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТВ донесени во новата година на 5 јануари, за конкурси кои се поврзани со програмата и буџетот од минатата година, се валидни и во согласност со законските прописи“, сметаат тие.

Министерството за култура до Владата на РМ веќе го поднел предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонел за зголемување на квалитетот, ниту, пак, донел напредок и развој на музичката продукција и индустрија.

„За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии. Речиси на сите објавени резултати по конкурсите, кои се инаку квартални во една година, имаше големи реакции во јавноста – дека се финансира неквалитет и шунд, и дека овие конкурси се уште еден клиентелистички механизам за купување на наклонетоста и послушноста на одредени музички уметници“, стои во ставот на Министерството.

А.В.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање