МиниАРТура, проектот на ДЛУМ, вечер за првпат ќе биде изложен во Белград и од ова издание, првпат добива меѓународен карактер. Друштвото на ликовни уметници на Македонија го надгради статусот на проектот МиниАРТура иницирајќи соработка со Улупудс – Друштвото на ликовни уметници, применети уметници и дизајнери од Република Србија. На изложбата се застапени повеќе од 130 дела работени во сите ликовни техники.
„Минијатурата е концепт во експанзија затоа што во својот израз опфаќа повеќе димензии на артистичкиот талент и умешност. Од тие причини неопходно беше излегување од локални рамки и давање можност на уметниците за меѓународна афирмација. Ова, деветто издание на „миниАРТура“, претставува уште еден уметнички предизвик за врвните мајстори на четката и палетата каде што минуциозноста на потегот, обезбедува висок личен квалификатив“, изјави Христијан Санев, Претседател на ДЛУМ.
Во овој, прилично млад ДЛУМ-ов проект покрај традиционалната минијатурна уметност на намалување на фигуративните ликовни елементи, присутни се и дела поблиски до апстракцијата или различни стилови на современата визуелна уметност. Широкиот спектар техники, од традиционални, современи како и нивно комбинирање или дела чија објективна вредност може да се спознае доколку се гледа под лупа, ја прави оваа изложба, несекојдневна и интересна за широката јавност. Бројноста на учесници во овој проект, кој од изложба во изложба се зголемува, говори за општо прифатениот предизвик и испит на ликовните мајстори во ДЛУМ и од Балканските земји но и ветувачка насока во која допрва ќе се постигнат вистинските ликовни вредности на минијатурниот формат.
Создавање уметнички израз во мали димензии односно формат, каде според веќе усвоените пропозиции делата можат да бидат со максимални димензии 10х10 сантиметри, е високо ценет израз во светски рамки. Авторскиот креативен концепт потекнува од мисловен процес со оглед на ограниченоста на димензиите, композицијата и минуциозноста на ликовниот израз.
Првата изложба на МиниАРТура се отвора вечер на 20 март во 19 часот во галеријата Сингидунум во Белград, а втората изложба, во Скопје е закажана во октомври месец и традиционално ќе биде поставена во галерискиот простор на НЛБ.