Во рамки на МОТ, вечерва во 20 часот, на сцената на Македонската опера и балет (МОБ), ќе биде изведена претставата „Метаморфози“ на Југословенското драмско позориште, во режија на македонскиот режисер Александар Поповски.
Станува збор за претстава за која е напишано дека е „продорен и буен мозаик за љубовните искушенија кои се укажуваат како метафора на самиот живот, насликан со густи и мрсни бои“.
– Ранливоста и недопирливоста на љубовните чувства е инспирација која никогаш не избледува, не умира, туку ја задржува својата виталност, дури и во ова наше време на ужасен, уништувачки материјализам, вели српската театарска критика.
Во артистичката екипа на „Метаморфози“, меѓу другите настапуваат Никола Ѓуричко, Небојша Глоговац, Горан Шушљик и др.
Претставата е добитник на исклучително голем број награди меѓу кои: Стеријна награда за актерска игра на Нада Шаргин, Стеријна награда за сценографија на Свен Јонке, Стеријна награда за кореографија на Далија Ачин, награда на Дневник на Радован Вујовиќ, награда „Зоран Радмиловиќ“ на Никола Ѓуричко, награда за најдобра претстава на 30. Фестивал борини театарски денови, Врање, Србија и др.
Во Младинскиот културен центар, пак, во 22 часот, ќе биде изведена претставата „Тања, Тања“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“, од Куманово, во режија на Александар Ивановски.
Претставата се занимава со тезите за отуѓеноста, студенилото, потрагата по најскриените човечки надежи, верувања, стравови, копнежи и страсти.
– Ликовите и изведувачите мораат да останат на забавата и да се измачуваат, обидувајќи се да создадат и одржат барем пристојна атмосфера. Но, симпатиите не се возвраќаат, разликите постојано се продлабочуваат и сето тоа доведува до целосен распад на средбата. Гнилите чувства, празнотијата и студенилото повеќе нема што да ги запре, па тие избувнуваат и ја отстрануваат и најситната извештаченост од ликовите, се вели во освртот за оваа претстава.
Организаторите на МОТ информираат дека поради технички причини се одложува презентацијата на книгата „Моќта на театарот“ на Љубиша Никодиновски – Биш, која беше превидена за денеска во рамките на придружната програма на фестивалот.