Манифестацијата „Месец на Франкофонијата“ ќе биде отворена в четврток со премиера на филмот „Совршената дадилка“ од 20 часот во Кинотеката, во организација на Францускиот институт во Скопје.
Се работи за екранизација на истоимениот познат роман на Лејла Слимани, за кој авторката во 2016-та ја доби Гонкуровата награда, а е во режија на Лиси Борлето, снимен во 2019 година. Главните улоги ги толкуваат Карин Вијар, Лејла Бекти и Антоан Рајнхард.
Според критиката, филмот е особено напнат трилер во стилот на Хичкок и Полански, суптилен и динамичен, кој совршено ги отсликува стравовите на модерното време.
Пред проекцијата, ќе биде промовиран преводот на македонски јазик на истоимениот роман објавен од „Антолог“, чие издание е поддржано од Францускиот институт во Париз, во рамките на програмата за поддршка на издавачката дејност во други земји.
Настанот ќе се одржи согласно со здравствените протоколи за заштита од Ковид-19 и ќе може да присуствуваат ограничен број посетители.