Номад Танц Академија Македонија во „Кино Култура“ – простор за современи изведувачки уметности и современа култура, ја организира програмат „КО-Егзистирање“, која директно дејствува во сферата на современиот танц, современата кореографија и перформансот. Ко-автори на КО-програмата се Викторија Илиоска, Александар Георгиев и Елена Ристеска.
– Ко-Егзистирање е активација која предлага насока за состојба на постоење, проследена од состојба на функционирање, проследена од состојба на анализирање, па така е – состојба на артикулирање, велат авторите.
Во периодот од 21.март до 3 април, учесниците во овој проект работат на алтернативни продукции и истражуваат нови модели. Учесници на „КО-“ се 13 уметници, од Шведска, Данска, Словенија, Грција, Бугарија, како и Македонија кои заедно ко-егзистираат во оваа 13 дневна програма.
Програмата е реализирана од Номад Танц Академија Македонија, во ко-продукција со Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Кино Култура“ – простор за современи изведувачки уметности и современа култура.
– Со мотото „Ве покануваме да не’ поканите”, сакаме да допреме до сите заинтересирани да се поврзат со нас и да постанат КО- гости во предложената програма од нас, додаваат авторите.
Програмата е составена од три „ситуации”: Ко-предавање (лабораторија за и околу продукции), Фестивалско случување (фестивал за презентирање на дела од учесниците на КО-), и Затворен состанок (серија состаноци од затворен тип, наменети за разгледување алтернативни модели на продукција и состојба на локалната сцена).
Овој проект е поддржан од Министерството за култура на РМ, Шведската амбасада во Скопје и Konstnärsnämnden- Шведскиот комитет за уметнички грантови.