Меѓународен ден на танцот

Од:

Станав танчер поради мојата желба да летам. Надминувањето на гравитацијата е нешто што отсекогаш ме придвижувало. Нема некое тајно значење во моите танци. Тие се спиритуална вежба во физичка форма, порачува Триша Браун (САД) во светската порака по повод 29 Април, Меѓународниот ден на танцот.

– Танцот комуницира и го шири универзалниот јазик на комуникација, раѓајќи радост, убавина и напредок на човековото знаење. Танцот е креативност… која се повторува… во размислувањето, во правењето, во создавањето и во изведувањето. Нашите тела се алатка за изразување, а не медиум за претставување. Оваа идеја ја ослободува нашата креативност, што е суштинската лекција и дар на создавањето уметност, посочува танчерката и кореограф Браун во пораката.

Нагласува дека животот на еден уметник не замира со годините како што веруваат некои критичари. Танцот е сочинет од луѓе, луѓе и идеи. Како публика, можете да понесете дома креативен импулс и да го примените во секојдневниот живот.

Светката порака им е упатена на танчерите професионалци како и на љубителите на танцот низ целиот свет. Објавена е во знак на признание на Триша Браун која почина на 18 март 2017.

Пораката е составена од нејзините пишани дела и изјави од нејзината блиска соработничка Сузан Розенберг, а ја споделува нејзината визија за нејзината работа и вредностите кои ги рефлектира.

Триша Браун (уметнички директор и кореограф) е родена и израснала во Абердин, Вашингтон. Дипломирала на колеџот Милс во Калифорнија во 1958, а потоа се сели во Њујорк. Таму се вработува во Џадсон танцовиот театар, каде го усовршува нејзиното истражување на движењето за да го пронајде невообичаеното во секојдневното. Предизвикувајќи возбудлива перцепција на изведбата, Браун заедно со други истомислени уметници ги пробива ограничувањата на кореографијата и го менува модерниот танц засекогаш.

Од 1961 наваму, Триша Браун создава преку 100 танцови дела и е прва жена кореограф која ја добива наградата на Мек Артур фондацијата „Genius Award”. Покрај оваа има добиено и многу други награди вклучувајќи и пет стипендии од Национални награди за уметностите.

Авторка на македонската порака е Искра Шукарова која вели дека танцот траси­­ра патеки.

– Го материјализира замисленото движење. Се заигрува во просторот, така осознавајќи се. Ја исчитува формата одвнатре и ја манифестира кон надвор. Ја споделува со околината. На тој начин танцот го изразува движењето што лежи во длабочините. Научените танцови системи се ставени во служба на немирното тело кое едвај чека да биде скротено. Заигрување, движење, следи радост, ослободување, танцување. Играта тлее во нас разоткривајќи работи кои дури и самите не си ги знаеме.Конечно, и покрај танцовите системи и манифестации останува соголено телото, се разоткрива со сите свои несовршености и ранливости. Моќта и кршливоста на телото фасцинираат, нагласува Шукарова во пораката.

Додека публиката е сведок на движењата на танчерот продирајќи во неговата душа, нагласува, ги согледува неговите доблести и слабости.

– Танцот како медиум не разоткрива, соголувајќи не пред нас самите. И така до бесконечност…трагите на танчерот и танцот кои сме ги посведочиле остануваат исцртани во нас засекогаш, вели Шукарова.

Искра Шукарова (танчер и кореограф). Заврши танцови студии на националниот конзерваториум во Лион, Франција. Во 2002 се стекна со магистериум на Центарот Лабан во Лондон. Има завршено и повеќе танцови обуки предводени од етаблирани уметници. Беше наградена со грантот на Артс линк и Денс веб.

Од 1991 Шукарова работеше како балерина во Македонската опера и балет. Таа е еден од основачите на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и е ко-основач и ко-автор на програмата на Локомоушн – фестивал за современ танц, Скопје и на проектот Академија Номад Танц. Од 2010 Шукарова е професор на државниот Факултет за музички уметности, Оддел за Танцова педагогија во Скопје. Од февруари 2014 таа се стекна со титулата доктор на науки на Факултетот за драмски уметности, УКИМ во Скопје.

Од формирањето во 1982, Меѓународниот ден на танцот се слави секоја година на денот на роденденот на креаторот на модерниот балет, Жан-Жорж Новер, 29 април и претставува прилика да се оддаде почит на танцот и неговата универзалност во преминување на сите политички, културни и етнички бариери.

Интернационалниот театарски институт (ИТИ) секоја година го одбележува овој ден поканувајќи некој истакнат кореограф или танчер да напише порака. Оваа порака се преведува на повеќе од 20 јазици и се објавува преку мрежата на ИТИ (која има повеќе од 100 членови) и преку танчерските организации ширум светот.

Би можело да ве интересира

Скопје ќе пречека стотици танчери в сабота на голем меѓународен танцов напревар

„Импулс“ – претстава на студентите од прва и втора година на Катедрата за современ танц при УГД

Ана Ололовска

Започнуваат со работа програмите од втор циклус студии на Катедрата за современ танц при УГД

Ана Ололовска

Премиерна изведба на „Парадоксот на Диоген“ во МКЦ

Ана Ололовска

Почнува седмото издание на „Битрикс танцова лига“

Скопје танцовиот театар ја отвора сезоната со танцов перформанс и филм

Ана Ололовска