Мастеркласовите како атрактивна фестивалска содржина на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и годинава се фокусирани на искуствени теми од познати кинематографери од Европа и светот.
За студентите и учесниците на фестивалот, организаторите приредија мастеркласи и разговор со австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, познат како близок и постојан соработник на врвниот режисер Михаел Ханеке.
Зборувајќи за работата со Ханеке, со акцент на филмот „Белата панделка“, добитник на Оскар од неанглиско говорно подрачје, Бергер рече дека е голема привилегија да се работи со таков голем режисер и дека во работата со него се потребни многу концентрација и голема енергија.
– Односот на актерите кон камерата треба да биде како во љубовна врска, сака чиста сцена за да нема многу пречки, за актерите да ги остварат барањата на режисерот, појасни Бергер.
Како врвен експерт во поставувањето осветлување за филмскиот кадар, тој презентираше повеќе системи за осветлување кои ги користел во различни филмови на кои досега работел.
На програмата денес публиката ќе може да го погледне филмот „Леди Макбет“, потоа компетиција на кратки филмови, филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски и австрискиот филм „Скриени резерви“.
Од главната програма денеска се прикажуваат филмовите од Унгарија и Кореја – „Месечината на Јупитер“ и „Не плажа ноќе сама“.