МАНУ и УКИМ ја официјализираа соработката

Од:

Македонската академија на науките и уметностите и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој и формално ја потврдија долгогодишната соработка. Документот го потпишаа претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, и ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски.

Тие посочија дека формализирањето на соработката е симболичен чин, зашто МАНУ и УКИМ, како најстара и најголема високообразовна институција, соработуваат од нивното основање, а најголем дел од академиците во МАНУ произлегуваат од Скопскиот универзитет.

Целта на Меморандумот е двете институции да ги здружат своите научни потенцијали – човечки ресурси и истражувачка работа – кога аплицираат пред странските фондови.

– Со организиран настап на конкурсите на Европската унија многукратно ќе се зголемат средствата што таа ги нуди преку своите научни програми, рече ректорот Стојковски.

Академик Камбовски истакна дека меѓу 70 и 80 проценти од целата наука во Македонија е концентрирана само во нивните две институции.

– За жал, немаме конзистентна научна политика, немаме стратегија за развој на научно-истражувачката дејност… Треба да се поттикне и соработката со бизнис-секторот и да влијаеме на политиките на Владата зашто нема вработувања и подмладувања во науката, рече Камбовски.

Првите луѓе на МАНУ и на УКИМ пред присутните професори и академици соопштија за проектите кои се во тек или се планирани во 2014 година. Камбовски рече дека за оваа година МАНУ има 98 научно-истражувачки проекти, вклучително и тие од уметничкото творештво. Во соработка со Академијата на Бугарија, МАНУ има 34 проекти, а со Српската академија – седум проекти. МАНУ има и 40-ина самостојни проекти на одделенијата и истражувачките центри во нејзин состав.

Ректорот Стојковски соопшти дека во изминатите шест години максимално се користат ресурсите на УКИМ и дека се реализираат 62 меѓународни проекти преку различни програми за наука, како од ЕУ, УНЕСКО, МААЕ… како и 24 проекти кои УКИМ ги спроведува со сопствени средства.

Официјализирањето на соработката меѓу МАНУ и УКИМ беше поздравена од присутните професори и академици, кои оценија дека на овој начин науката ќе биде повеќе интегрирана. Имаше предлози да се формира тело што ќе ги координира активностите, МАНУ да потпише меморандуми за соработка и со другите универзитети во Македонија, како и да се поврзат со сите врвни македонски професори кои имаат кариера на светските универзитети.

Би можело да ве интересира

Почина академик Јордан Поп-Јорданов

Горан Наумовски

Попов: МАНУ има капацитет да ѝ помогне на државата во справувањето со тешките општествени појави

Горан Наумовски

Меџити: Со новата медицинска опрема во МАНУ резултатите готови за еден ден

Академик Живко Попов нов претседател на МАНУ

Промоција на монографијата „Газанфер Бајрам“

Ана Ололовска

Сè уште трае штрајкот на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ

Ана Ололовска