Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Скопје од утре до 28. месецов ќе го претстави македонското книжевно творештво на 23. Меѓународен саем на книгата во Пекинг.
Главен акцент на штандот на Република Македонија на Пекиншкиот меѓународен саем на книгата ќе биде ставен врз изданијата од капиталниот издавачки проект „Превод на македонска книжевност на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски)“, а централно место ќе им биде дадено на седумте жанровски антологии на македонската книжевност во осум тома преведени на кинески јазик, соопшти денеска НУБ „Св.Климент Охридски“.
Проектот, појаснуваат, претставува антологиски приказ на едицијата 135 тома „Македонска книжевност“ и опфаќа антологии на македонската поезија (том 1), расказ (том 2) и драма (том 3), антологиски избори од македонската литература за деца (том 5) и од македонската критика (том 6) и есеј (том 7), како и двотомен антологиски преглед на македонскиот роман (том 4/1 и том 4/2) што содржи исцрпни информации за авторите и делата и поголем фрагмент од соодветните романи. Во антологиите се инкорпорирани најзначајните книжевни достигнувања и остварувања на македонските писатели од сите етнички заедници во Република Македонија, презентирани се сите жанрови, правци и стилски карактеристики и застапени се одбрани дела со високи книжевно-естетски вредности од нашите најпознати писатели од различни генерации.
На македонскиот штанд ќе бидат изложени и дел од книгите од капиталниот издавачки проект Превод на англиски јазик на 135 тома „Македонска книжевност“ (избори од автори од Република Македонија кои творат на македонски, албански, турски и на други јазици), како и одбрани монографии за македонското културно наследство, македонската книжевност, македонскиот јазик и други репрезентативни публикации објавени на англиски јазик и на други јазици.
Исто така, ќе бидат изложени и брошури и флаери за природните убавини и културно-историските локалитети во Република Македонија, како иматеријали за Конкурсот на Министерството за култура за странски издавачи за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици.
Како што соопшти НУБ „Св.Климент Охридски“, македонскиот штанд на саемот ќе биде посетен од висока делегација на Министерството за култура на Република Македонија предводена од заменик-министерот Драган Недељковиќ.
Меѓународниот саем на книгата во Пекинг се одржува од 1986 година, а годинава на саемот ќе земат учество повеќе од 2.200 изложувачи од 82 земји. Република Македонија првпат учествува на овој саем по покана на кинеската страна во рамките на процесот за соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа.