Во „Буре барут” раскажуваме наша приказна, не бевме оптоварени со тоа дека работиме текст што сите го знаат. Ова е, пред се, актерска претстава во која актерот и неговата креација е во преден план, изјави денеска на прес-конференција македонската режисерка Нина Николиќ која го поставува култниот текст на Дејан Дуковски на сцена, во изведба на Народно позориште од Зеница.
Претставата е копродукција со Скопје филм студио и Македонскиот народен театар и ќе биде изведена вечер на фестивалот Млад отворен театар од 20 часот во МНТ. На матичната сцена во Зеница премиерно беше изведена пред шест дена и беше отворена театарската сезона.
Николиќ рече дека публиката ќе се потсети на „Буре барут”, ќе препознае нешто што веќе го знае од досегашните постановки, но ќе види и нешто ново.
– Ништо не се сменило, луѓето не учат од своите грешки. „Буре барут” не зборува само за Македонија и Балканот, туку за нешта што ги има во светот, се се движи во затворен круг, од кој не можеме да избегаме, рече Николиќ на прес-конференција по повод македонските премиери на годинашниот 43. МОТ.
Актерот Саша Ханџиќ, кој ќе ги игра улогите на Борис и Анѓелко, рече дека нивниот театар од Зеница е определен кон копродукции со театри од Босна, но и од регионот. Првпат соработуваат со македонски театар и ја пофали соработката со режисерката Николиќ.
– Таа ни донесе прекрасен текст, еден од најзначајните во последните 25 години во регионот. Нина имаше целосна доверба во нас, мислам дека направивме пристојна претстава. Не тежнеевме да копираме од она што е веќе видено во „Буре барут”, туку да покажеме нешто свое. Темата, насилството, е нешто со кое се будиме секој ден. Самата Босна е синоним за буре барут. Но во претставата со насилството е проткаена и љубовта. И тоа е клучно, рече актерот Ханџиќ од театарот во Зеница.
На прес-конференцијата беа претставени уште две македонски премиери на годинашниот МОТ: „Д Шииит” на независниот театар „Артопија” и „Црнила ремикс” во продукција на Младинскиот културен центар.
Јордан Симонов, кој е режисер на „Црнила ремикс”, рече дека идејата постоела одамна, а во кариерата учествувал неколку пати во постановките на класилната драма „Црнила” на Коле Чашуле. Идејата се конкретизирала по средбата со членовите од скопската хип-хоп група „Зад аголот” пред две години.
– Сакав да ја вратам радоста на играњето и оние моменти кога се случува нешто друго од она што досега сум го работел. На овој начин најдовме форма како да им ја пласираме на младите македонската класика за која малку знаат, рече Симонов за претставата која е спој на театар, рап и хип-хоп и по претпремиерата на фестивалот „Здраво млади”, премиерно ќе биде изведена утревечер во МКЦ, на затворањето на 43. МОТ.
Третата македонска премиера на МОТ беше „Д Шииит” на театарот „Артопија”, нивна четврта премиера и прва копродукциска и со странски режисер – Ирем Ајдин од Турција. Повторно театарот постави социјално ангажирана претстава, но овојпат, како што рече актерката Симона Спировска, се соочиле со различен процес – ја истражувале потребата од преселби и миграции, прашањето за границите, не само територијалните, туку и за границите во нас самите.
– Повторно истражуваме нови форми и правиме актуелен театар кој се знимава со барањето одговори за нашето постоење денес, за сите премрежија и борби, не само лични, туку и во поширок општествен контекст, рече Спировска.
Од Младинскиот културен центар најавија дека ќе се обидат претстватите од независната театарска сцена да ги стават на својот редовен репертоар и дека таа замисла се креира веќе со овие две премиери на МОТ – „Црнила ремикс” и „Д Шииит”.