На нашиот штанд на Саемот на книгата во Франкфурт вчера беше организиран македонски ден. Како што денеска соопшти организаторот на претставувањето – Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), на штандот биле промовирани домашни и странски автори, гостувале претставници на раководствата на саемите на книга во Франкфурт и Лајпциг, со кои средби имал и министерот за култура Хусни Исмаили.
-Специјален гостин на штандот беше луксембуршкиот автор Жан Бак, добитник на Европската награда за литература во 2010 година, чијашто книга „Аматер“ на македонски јазик е објавена во едицијата „Прошетка низ Европа“ од „Арс Ламина – публикации“, соопшти МАИ.
Современата македонска литература се претставува на 71. Саем на книгата во Франкфурт кој под мотото „Идеи што го придвижуваат светот“ се одржува од 16 до 20 октомври. На македонскиот штанд се претставени стотина македонски автори, објавени од дваесетина наши издавачки куќи.