Со премиерната изведба на операта „Магбет“ од Ѓузепе Верди во режија на Марко Спада и под диригентство на Џанлука Мартиненги на 9 мај во Скопје ќе бидат отворени 43. Мајски оперски вечери.
Директорот на Македонската опера и балет Дејан Прошев на денешната прес-конференција истакна дека и оваа година ја задржуваат тенденцијата на овој фестивал на операта да донесат што поквалитетни гости кои ќе приредат врвни уметнички креации.
– Годинава доминираат гостите од Италија, лулката на операта. Покрај нив сакам да го истакнам и учеството на нашите првенци Борис Трајанов кој ќе настапи во две ролји, Весна Гиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, како и ѕвездите на Болјшој театарот Нина Капсова и Берт Јон Овсаренко во балетската класика „Лебедово Езеро“, рече Прошев.
Режисерот на „Магбет“, италијанскиот гостин Спада, истакна дека да се режира оваа опера е секогаш голем предизвик. Тој нагласи дека станува збор за дело кое првпат е напишано во 1946 година и кое во исто време претставува и класична и барокна претстава со теми коишто се актуелни и денес.
– Операта зборува за настани кои секогаш се присутни во човековата историја како што е борбата за моќ, за крвопролевањето. Се обидов да ја истакнам линијата на крвта… Дејствието во Шекспировиот „Магбет“ се случува во средниот век, но темите се актуелни и денес и затоа со костимографот решивме сето ова да се пренесе во модерен амбиент, рече Спада.
Првенката на Македонската опера Весна Гиновска Илкова која ја толкува улогата на Лејди Магбет истакна дека оваа ролја ја чувствува како сосема своја улога во која навлегла крајно инспиративно и музички.
– Оваа улога е предизвик за секој драмски сопран да ја има во својот репертоар. Ја чувствувам музичката драма и можам да кажам по првпат учествувам во еден комплетно модерен проект, почнувајќи од сцената, костимите, се до едноставноста на сценските движења кои се чисти и јасни. Верувам дека оваа претстава ќе остане да се прикажува во репертоарот на МОБ бидејќи главните улоги ги толкуваат првенците од МОБ, рече Илкова.
Во рамки на 43. Мајски оперски вечери ќе бидат изведени и „Травијата“ од Верди, „Адријана Лекуврер“ од Франческо Чилеа, „Симон Вуканегра“ од Верди, а ќе бидат затворени традиционално со Вердиевата „Аида“. Ќе настапат и гости од соседна Србија, Бугарија, Украина, Индонезија, а меѓу солистите ќе настапи и светски познатата дива Даниела Деси.
Ова година се враќа традицијата да биде запален фестивалскиот оган, а тоа ќе го стори примадоната на МОБ Милка Ефтимова.
Манифестацијата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Македонија и голем број спонзори.