Продавачите на списанието „Лице в лице“ денеска на плоштадот „Македонија“ се вклучија во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, што глобално се прославува во периодот од 6-ти до 12 февруари. На настанот им се придружија писателите од издавачката куќа „Или или“ – Ирена Јорданова, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски.
Преку „Лице в лице“, кое го објавува Асоцијацијата „Паблик“, Македонија петти пат се приклучува кон одбележувањето на Неделата, како членка на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов.
– Во друштво на уште други 35 земји ширум светот, каде што се продаваат 110 улични улични весници и списанија, оваа Недела ја слави работата и ги прави повидливи продавачите на уличен печат, луѓе кои се борат со бездомништво, невработеност, сиромаштија и социјална исклученост. Не е ниту лесно, ниту едноставно да се продава улично списание. Продавачите имаат навистина тешка задача во обезбедувањето на својот приход и заслужуваат признанија за она што го работат – велат писателите-поддржувачи, кои во чекор ги следеа нашите продавачи Анабела, Пепи, Ерџан и Хари, во процесот на продажба на актуелното издание на списанието, соопшти редакцијата на „Лице в лице“.
Според ИНСП, во секој момент има 10.000 продавачи на уличен печат во светот, а минатата година повеќе од 27.000 луѓе заработиле продавајќи улични весници и списанија.
– Во овие бројки, „Лице в лице“ придонесува со 40 продавач(к)и во шест градови во Македонија, од кои еден е вработен со полно работно време. Сите тие, продавајќи го списанието, не само што обезбедуваат приходи за себе и своите блиски, туку и се активно вклучени во општестевеното живеење, наведуваат од редакцијата.
За овој повод во светски рамки ќе биде отворена изложба на 9 февруари во галеријата „Лајтхаус“ во Глазгов, насловена „Незгрижени: сè уште бездомни, сè уште проблем“.
На поставката ќе бидат претставени насловни страници на улични списанија – членки на мрежата, а меѓу нив и насловницата на 19-тиот број на „Лице в лице“, посветено на социјална правда. На настанот ќе бидат споделени и приказни на продавачи на уличен печат, а целото случување ќе има и интерактивен карактер. Изложбата ќе трае до 9 април.
Меѓународната недела на продавачи на уличен печат се одбележува насекаде низ светот и во поддршката на мисијата на уличните списанија и весници најчесто се вклучуваат јавни личности, бизнис и политички лидери, филмски, музички и спортски ѕвезди.