Кумановскиот театар утре ќе ја изведе претставата „Телефонот на мртовецот“ на дваесет и осмото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.
Како што информираа денеска надлежните од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, претставата ќе се игра на отворено, на летната сцена во паркот во Струмица, со почеток во 20:30 часот.
„Телефонот на мртовецот“ е во режија на Александар Ивановски, по текст на Сара Рул, а играат: Александра Пешевска, Горан Илиќ, Кети Дончевска Илиќ, Марко Трајковиќ, Владанка Димковска и Александра Михајловска. Сценографијата е на Крсто Богојевски, а изборот на костими на Александар Ивановски.
-Претставата зборува за семејство во кое на еден интересен начин се претставени нивните емоции, кои се изнесени на површина преку откривање на нивните карактери. Минималистичката сценографија комплетно се вклопува со она кое актерите го кажуваат и го изнесуваат на сцената, користејќи ја експресивноста на актерската игра преку своите емоции, информираше директорот на Центарот за култура Сашо Тодоровски.