Кумановската библиотеката „Тане Георгиевски“ го збогати книжниот фонд со набавка на 319 наслови или 1.233 книги, најнови изданија на македонски, српски и албански јазик од белетристика и стручна литература.
Со набавката на книгите, надлежните сметаат дека ќе се популаризира читањето.
– Библиотеката има јасна мисија и визија, а тоа е да ја промовира книгата како вистинска вредност кај младите. За таа цел, за да се популаризира книгата во текот на 2020 година библиотеката ја заврши првата набавка на книги. Станува збор за набавка на најнови изданија на македонски, српски и албански јазик од белетристика, стручна литература а за најмладите читатели ни пристигна литература за деца и сликовници од издавачката куќа „Светот на Биби“ кои во моментот се доста актуелни, изјави директорката на установата, Христина Алексовска.
Директорката ја истакна и едицијата „Децата го менуваат светот“, составена од седум сликовници што како што посочи, испраќаат силна порака до децата и имаат поучен карактер од аспект на развивање на моралните вредности, емпатија и алтруизам.
До крајот на годината предвидено е да се спроведат уште три јавни набавки со што, според надлежните, целосно ќе се задоволат потребите на корисниците. Во овој период се планира набавка на лектирни изданија на македонски и албански јазик за потребите на основните и средните училишта, а понатаму следуваат и други набавки на белетристика и странска литература.
– Библиотеката секогаш е во служба на читателите и го следи трендот на најновите изданија се со цел читателите да бидат задоволни, додава Алексовска.