Фантастичен жур на отворено приредија Петар Ренџов и „Тумбао салса бенд“, кај Вештачката карпа на кејот на Вардар, на осмата вечер од годинашното „Карпошово културно лето“.
Динамичните латински звуци во изведба на Ренџов и неговата придружба, во извонредната атмосфера покрај Вардар, измамија многу аплауз од бројниот аудиториум.
Како што најави познатиот блуз и џез-изведувач на почетокот на вечерта, тој и „Тумбао салса бенд“ навистина успеаја да ја донесат Куба во Карпош, а тоа го потврди и разиграната публика, преполна со насмеани и распеани карпошани.
Настапот на Петар Ренџов и „Тумбао салса бенд“, кои на шестата традиционална културна манифестација донесоа поинаков звук и сензибилитет, ја потврди тенденцијата на Општината, како организатор на „Карпошово културно лето 2013“, да ги задоволи вкусовите на сите жители на Карпош и љубители на културата.
До крајот на годинешната едномесечна дружба со културата предвидени се и концерти на „Симон Киселички трио“ и на нашата најголема поп-ѕвезда Каролина Гочева, како и изведба на мјузиклот „Чевел“ и многу други настани.