Кристина Е. Крамер и Роли Грау добитници на интернационалната награда „Драги“

Од:

Добитници на меѓународната награда „Драги“ 2025 за најзначаен превод на книжевно дело од македонски автор се Кристина Е. Крамер и Роли Грау, за преводот од македонски на англиски јазик на книгата Долго доаѓање на огнот од Ацо Шопов.

Преводот на репрезентативниот избор од поезијата на Ацо Шопов (The Long Coming of the Fire), беше објавен во 2023 година од американската издавачка куќа “Deep Vellum”, по повод одбележување на стогодишнината од раѓањето на авторот и претставува културен и книжевен настан од прв ред во афирмацијата на македонската литература надвор од нејзините национални граници. Со овој превод, делото на еден од најголемите македонски поети конечно доби рамноправно место во англофонскиот свет, каде што досега беше речиси непознато.

Грау и Крамер создале превод што на извонреден начин ја спојува поетската инспирација со филолошката прецизност. Критичарите го истакнуваат нивното мајсторство да ја пренесат целата лепеза на поетските изрази на Шопов – од космичките визии на душата до интимната еротика, од документарната острина во набљудувањето на природата до топлината на татковската грижа.

Преводот доживеа импресивна рецепција, јавни презентации во Париз (UNESCO, INALCO), во Македонија (Струшки вечери на поезијата), во Токио, Торонто и други центри, како и бројни рецензии и критики во САД, Канада и Европа, а од страна на EuropeNow беше избран за една од „Омилените книги во превод за 2023 година“. Надвор од доменот на книжевноста, преводот инспирираше современи музички композиции на канадскиот композитор Мајкл Спиров, што претставува ретка и значајна форма на културна рецепција.

Токму затоа, преводот на Грау и Крамер е достоен добитник на интернационалната награда ДРАГИ за најзначаен превод на книга од македонски автор на странски јазик. Доделувањето на интернационалната награда „Драги“ првпат ќе се случи во Охрид, на 11 септември од 11.30 ч. во Конгресниот центар на УКИМ, а во рамки на XII. македонско-северноамериканска конференција за македонистика.

Кристина Е. Крамер е професорка по лингвистика и славистика на Универзитетот во Торонто, Канада, како и надворешен член на МАНУ од 2009 година. Повеќе од три децении македонскиот јазик е во фокусот на нејзините најтесни академски интереси.

Крамер е интензивно посветена и на книжевно преведување. Oд македонски јазик има преведено дела од Гоце Смилевски, Петар Андоновски, Лидија Димковска и Луан Старова. Нејзиниот превод на романот Лето во кое те нема од Петар Андоновски беше закитен со наградата UK Pen Translates Award, а и преводите на Лидија Димковска и Гоце Смилевски биле во потесен избор за значајни награди. Искажа особено радост што ја добива наградата „Драги“.

Роли Грау потекнува од Балтимор, САД, а од почетокот на 2000-тите живее во Љубљана, Словенија. Познат е како преведувач од словенечки на англиски јазик. Во 2021 година ја добил Лавриновата диплома за достигнувања во преводот која ја доделува Друштвото на словенечките книжевни преведувачи. Во 2023 година за првпат работел на преводи од македонски јазик, заедно со Кристина Е. Крамер.

Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè – нивото на преводот, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн. Со оваа награда трета година по ред се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.

Селектиран и вториот круг за наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“

Освен ова, жири-комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ преку тајно гласање во вториот круг на селекција одлучи да влезат 12 преводни дела со изданија објавени од 7 издавачки куќи, во превод на 12 преведувачи и од 7 различни јазици. Делата што влегуваат во вториот круг (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на преведувачите):

Ѓоко Здравески за преводот од српски јазик на „Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ, издание на Антолог, 2025 година
Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на Три, 2024 година
Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на ,,Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По, издание на Три, 2024 година
Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на Артконект, 2024 година
Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на Или-или, 2024 година
Катерина Сотирова за преводот од италијански јазик на „Амфора“ од Луиџи Пирандело, издание на Или-или, 2024 година
Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на Антолог, 2025 година
Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Генијот и божицата“ од Олдос Хаксли, издание на Артконект, 2025 година
Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на Светла комора, 2024 година
Никола Кузманоски за преводот од англиски јазик на „Сенката над инсмот и други грозотии“ од Хауард Филипс Лавкрафт, издание на Полиграматон, 2024 година
Светлана Кочовска – Стевовиќ за преводот од старогрчки јазик на „Приказна од Ефес: Антија и Хаброком“ од Ксефонт од Ефес, издание на Или-или, 2025 година
Филип Димевски за преводот од полски јазик на „Маскарада“ од Витолд Гомбрович, издание на Бегемот, 2024 година

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Годинава првпат е воведена приоритетна книжевна категорија која ќе се менува секоја година. Во 2025 тоа е прозата (фикцијата) и опфаќа романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Би можело да ве интересира

Миленковски, Бакија, Николовски, Тевчев и Манев се годинашни добитници на државната награда „8 Септември“

Горан Наумовски

ДУИ: Единствениот Албанец од вкупно 12 во Комисијата за наградата „8 Септември“ се предлага самиот себеси за добитник

Тошковски ќе го награди полицаецот Беким Исмани кој спречи девојка да скокне и да си го одземе животот

За украдено плишано мече сопственикот нуди награда од 5.000 евра

А1он

Награда во Еквадор за „Јон Вардар против Галаксијата“

Отворен е конкурсот за наградата за најдобар предов „Драги“ 2