На претпоследниот ден од годинашното издание „Танц-фест“ вечер ќе претстави кореографија од три дела во продукција на „Скопје танцов театар“ и перформансот „Импакт“ на кореографот Игор Киров.
На сцената „Зебра“ вечер ќе се претстават првата генерација дипломирани кореографи од Скопје танц академијата со современата кореографија „Хот“ составена од три дела – „Загреј го студот“ на Матеја Киселичка, „Патот на љубовта“ на Андријана Атанасова и „Патот на еволуцијата“ на Љупчо Атанасов, изработени под менторство на нивната професорка Рисима Рисимкин, уметнички директор на „Скопје танцов театар“.
Таа на прес-конференција рече дека е видлив степенот на развој на студентите на Танцовата академија кои ги почнале студиите пред три години.
Годинашниот „Танц-фест“ ќе заврши утревечер во Младинскиот културен центар каде што ќе гостува Националниот балет од Косово со претставата „Кога светлината згаснува“ на младиот италијански кореограф Антонио Пио Фини кој живее во Америка.
На 27 јуни „Скопје танц театарот“ ќе се претстави на Фестивалот ИТС во Амстердам во иста вечер со реномираната Танцова академија од Ротердам.
Од септември „Скопје танцов театар“ ќе почне со редовен репертоар на своите седум продукции кои ќе гостуваат и во други градови низ Македонија.