Здружението на џез-музичари и слободни уметници (ЗЏМ) од Скопје вечер од 20 часот во Македонската филхармонија ќе одржи предновогодишен џез-концерт насловен „Baby It’s Cold Outside“.
Концертот ќе биде составен од два дела и ќе го води диригентот Џијан Емин. Првиот дел, со наслов „Charlie Parker With Strings“, ќе се реализира во соработка меѓу ритам-секцијата на ЗЏМ Биг бендот и гудачката секција на Македонската филхармонија и солистот на алто-саксофон Кирил Кузманов. ЗЏМ соопшти дека оваа програма ќе биде изведена премиерно на концерт наменет за пошироката публика.
– Станува збор за изведба на компилациски албум на еден од најпознатите џез-саксофонисти и композитори на сите времиња, Чарли Паркер, кој е прогласен за најпродаван и е награден со Греми награда во 1988 година, информира ЗЏМ.
Вториот дел е концертен настап на ЗЏМ Биг бенд оркестарот на кој ќе настапат и вокалните солисти Џон Илија Апелгрен и Марија Димитријевиќ. Во вториот дел од вечерашниот концерт ќе бидат изведени дела од најголемите имиња од областа на џез-музиката.