Гевгелиската публика синоќа уживаше во концертот на студентите од Факултетот за музичка уметност, кои беа предводени од Славица Галиќ Петровска, првенка на операта при Македонската опера и балет.
Студентите изведуваа творби од Верди, Прокопиев, Скаловски, Корсаков, Шуберт и други автори, со пијано придржба на Стојанчо Василевски-Баковиќ.
– Сигурна сум дека во некои од нив се кријат идните оперски ѕвезди на Македонската опера и балет, рече професорката Петровска-Галиќ, која во неколку нумери ги придружуваше своите студенти.
Концертот се одржа во рамки на манифестацијата „Музички моменти“, што ја организира Основното музичко училиште „Васо Карајанов“ од Гевгелија кое годинава прославува 40 години од своето постоење.