Директорката на Кинотеката на Македонија Мими Ѓоргоска Илиевска денеска на претседателот на Советот за радиодифузија Зоран Трајчевски му додели благодарница за исклучителен придонес во збогатувањето на фондот на аудио-визуелни добра на оваа институција.
Таа истакна дека по неодамна потпишаниот договор и протокол за соработка, Советот за радиодифузија (СРД) во Кинотеката на Македонија ги депонира на заштита, чување и евидентирање филмските материјали или се она што пред 10-тина години е снимено, а финансирано од СРД.
– Како институција, ова за нас претставува многу значаен настан, имајќи го предвид збогатувањето на фондот на филмови во архивот на Кинотеката на Македонија. Ова е многу значајно како поттик за останатите институции, организации и приватни лица што повеќе да бидат заинтересирани, ако имаат вредни аудио-визуелни збирки да ги депонираат во Кинотеката на Македонија, рече Ѓоргоска Илиевска.
Станува збор за 767 наслови на 1.319 касети, главно од образовни и документарни филмови и репортажи, но и документарни серии од по неколку епизоди, кои го третираат културното и природното наследство на Македонија, со животот и посебностите на различните култури и етнички зааедници, теми и проблеми од економијата, екологија, етнологија, археологија…
Медиумот на кој се зачувани насловите финасирани од СРД не е филмска лента, туку бета-касети. Ѓоргоска Илиевска потсети дека за потребите на Кинотеката на Македонија, СРД и отстапи на времено користење и бета-плеери.