Кинотека на Македонија и оваа година ќе ја почне со традиционалното „Ново киноутро“ во чии рамки ќе бидат прикажани Штрумфови, Вини Пу, Мапетите, На Марс му требаат мајки, Авантурите на Тин Тин и Приказна за играчките (трет дел).
Проекциите се секој викенд напладне, почнувајќи од идниот, 8. и 9. јануари.
На програмата овој месец се и два македонски „рокументарци“ – „Ако никој не свири“ (15. и 16. јануари) и „Денот да е радосен“ (17. и 18. јануари).
„Ако никој не свири“, од 2010 година, е филм за Васко од „Бернајс пропаганда“ и за почетоците на неговиот бенд, за неговата и за истрајноста на неговите соработници да издржат во настојувањата да свират кога ретко кој свири.
„Денот да е радосен“, кој премиерата ја имаше на Синедејс пред неколку месеци, зборува за бендот Културно уметнички работници.
Првата вечер од „Денот да е радосен“ во Кинотека е планиран и акустичен настап на Културно уметнички работници.