Кинеската атракција „Гласот на Јунан“ ќе гостува во Македонија

Од:

Во организација на Охридско Лето, музичкиот ансамбл „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина, ќе гостува во Македонија со два концерта кои ќе се одржат во Скопје на 26-ти јануари и во Охрид на 28-ми јануари.

Ансамблот од Пекиншката академија на традиционалната музика, го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција – Јунан позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Од 56-те официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан.

Ансамблот „Гласот на Јунан“ е основан од страна на славниот кинески сопран Јин Џиаофенг, а како музички директор се потпишува познатиот кинески композитор Зоу Ханг. Перформансот на овој ансамбл претставува своевидна музичка галаксија сочинета од изворните звуци и музиката на етничките малцинства во Јунан. Со цел концертите на најдобар и на најавтентичен начин да ги прикажат етно песните и фолклорната уметност на етничките групи од провинцијата Јунан, креативниот тим на овој ансамбл помина многу време во областите од Јунан истражувајќи и собирајќи етно песни и изворни релевантни материјали меѓу самите етнички малцинства.

Според организаторите, некои од репрезентативните изведби кои ги вклучува перформансот на ансамблот „Гласот на Јунан“, како што се Танцот на паунот, Танцот на левата нога, Танцот за гозбата и Танцот на Ва малцинството, ќе бидат презентирани на концертот за да се долови убавината на природата и животот кои се содржани во етно уметностите од Јунан.

Покрај тоа, разновидноста на музичките форми кои се претставуваат на концертот, како што се поп и светската музика, се изведени од изворната етно музика на малцинствата во Јунан со цел древната музика да се изрази и на нов поинаков начин.

Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс, исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина. Последните археолошки истражувања ја сместуваат оваа музичка традиција со векови пред самото појавување на Европската цивилизација, со што таа е веројатно едно од најдревните пројавувања на човековата културна историја.

Концертот на „Гласот на Јунан“ во Скопје е закажан на 26-ти јануари во Македонска Опера и Балет, додека пак на 28-ми јануари „Гласот на Јунан“ гостува во Охрид, со концертен перформанс кој ќе се одржи во Домот на културата „Григор Прличев“.

Билетите за двата концерти се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс со цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ