Катедрата по современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби простор во Домот на Армијата во Скопје на користење кој ќе овозможи современи услови за едукација на нивните студенти. Како што истакна деканот на Факултетот за филмска уметност при УГД Рисима Рисимкин, просторот е отстапен како резултат на воспоставената соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип Министерството за одбрана. Во оваа соработка се вклучија и партнери од Кралството Холандија, со донација на специјална опрема во вредност од 17.500 евра, за опремување на просторот за студентите од катедрата по современ танц при Универзитетот.
-Поминавме долг пат и успеавме да го постигнеме тоа што го сакаме. Во овој момент Скопје-Штип танцовата академија како што популарно ја неркуваме, односно катедрата за танц при УГД доби благодарение на МО, простории каде што ќе работи. Ние ги реновиравме простории. Добивме донација од нашите холандски пријатели околу 18.000 евра специјален балетски под и специјален дрвен под за двете студија и мислам дека во моментов сме единствени во Македонија кои имаат таков под кој благо вибрира и овозможува да се спречат евентуални повреди на танчерите. Како Универзитет се трудиме нашите студенти да имаат извонредни услови за работа по европски стандарди, а од оваа година и ја интернационализираме програмата. Веќе имаме странски студенти, програмите одат на англиски јазик и воедно отвараме мастер студии на кои веќе имаме пријавено студенти не само од Македонија, туку од регионот и пошироко, рече Рисимкин.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, изрази задоволство што пред 11 години го поддржале како Амбасада проектот за современ танц во траење од три години од кој потоа се оформира Скопје танцовата академија (СТА).
-Како донатори секогаш кога треба да поддржиме нешто ново претставува ризик. Но денес тука по повеќе од 10 години можеме да кажеме дека сме наградени со резултати. Покрај преземање на данското искуство и знаење, оваа комуникација овозможи и размена меѓу уметници, кореографи. Она што е од уште поголемо знаечење е дека СТА навистина направи одлични чекори понатаму. По иницијалната поддршка СТА продолжи со програмата и застана на сопствени нозе, успеа да привлече државни фондови и што е уште поважно, стана дел од едукативниот систем во земјава, а како последно опремија простор кој ќе значи многу за натамошниот развој на академијата, рече амбасадорот Коп.
И покрај ковид пандемијата, тој најави гостување на една од најпрестижните холански и светски танцови компании на Скопје танц фест оваа есен.
Министерската за одбрана Радмила Шекеринска логиката на оваа соработка ја гледа во политиката на транспарентност за што, посочи, како Министерство вчера беа прогласени за апсолутен шампион на транспарентноста според анализи на НВО, која е неопходен дел од политиката за обезбедување подобар живот на граѓаните.
-Денеска покажавме дека врската помеѓу државните институции, академскиот свет, невладините иницијативи и меѓународната помош може да направи неверојатни резултати. Синергијата која ја создадовме направи денеска да имаме важна институција од штипскиот Универзитет кои ваква шанса побараа и ваква шанса добија, затоа што сакаме и Домот на Армијата да биде жив, да има повеќе млади и да ни дадат култура. Армијата покажа дека секогаш е во служба на граѓаните и дека се грижи за своите граѓани и во добро и во лошо, а ова е чекор во таа насока, вели Шекеринска.
Мали држави со скромни ресурси, порача таа, мора да бидат рационални, а тоа значи повеќе да соработуваме.
-Како Влада сметаме дека културата и уметност ќе ни помогнат да ги лечиме раните од пандемијата бидејќи видовме колку скапо чини слободата да излеземе надвор, да се видиме без маски, да се вратиме на редовните активности. Ние ја гледаме културата како најдобра одбрана на секоја нација од лошиот вкус, од манипилациите, од национализмот и сакаме ваквите партнерства да ги градиме и во иднина, рече Шекеринска и посочи дека оваа соработка е и мала шанса да возвратат на Унивезритетот кој веќе две години без надомест обезбедува мерења на сите податоци од животната средина за сите вежби на Криволак.