Камерниот оркестар на Битола, кој работи под покровителство на НУ Центар за култура, в недела ќе го промовира својот најнов музички проект, целовечерен концерт под наслов „Џон Вилијамс Симфонија“ (John Williams Symphony).
Концертот е поддржан од Министерството за култура и е во рамки на годишната програма за работа на НУ Центар за култура, истакна Зоран Димовски, директор на таа национална установа.
– Членовите на камерниот оркестар подготвено го дочекуваат неделниот концерт, а заедно со нив на сцената ќе настапат и музичари уметници од Македонската филхармонија и Македонската Опера и Балет. Во програмата ќе бидат застапени најдобрите музички теми од филмовите „Војна на ѕвездите“, „Супермен“, „Индијана Џонс“…и други, кои заедно со членовите на оркестарот ќе ги отсвири и Климент Тодороски, соло-виолина, потврди Димовски и најави дека Камерниот оркестар на Битола целовечерен концерт ќе одржи и на 20 март во МОБ во Скопје.
Камерниот оркестар на Битола со најновиот тематски концерт „Џон Вилијамс Симфонија“ (John Williams Symphony), ја дополнува досегашната листа на концерти, како што се „Лејдис Симфонија“, Рок Симфонија со Влатко Стефановски, Џемс Бонд Симфонија, концерт со виолинисот Роби Лакатош и други.
Камерниот оркестар на Битола во текот на оваа година се очекува да настапи во Португалија, Хрватска и на фестивалот „Рок Вилиџ“ во Банатски Соколац.