Опседнатоста со технологијата на новото време, зависноста од социјалните мрежи и како тие се одразуваат врз животите на луѓето, се темите што ги обработува краткометражниот игран филм „Извидник“ на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков кој во моментов живее и работи во Словенија. Филмот, кој има доминантна македонска продукција, премиерно ќе биде прикажан на утрешното официјално затворање на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Станува збор за краткометражен научно-фантастичен филм работен по сценарио и режија на Алекс Цветков. Цветков е син на популарниот каскадер од Македонија, Рок Цветков, кој стекна светска слава работејќи на холивудски филмови како „Шиндлерова листа“, „Патриот“, „Ничија земја“ и др. Младиот Цветков студира режија во Лос Анџелес, а овој дебитантски филм е негова дипломска работа. Освен Цветков, македонската екипа која работеше на филмот ја сочинуваат и продуцентот Сашо Пешев, кој е носител на проектот преку продуцентската куќа „Ново македонско видео“, кинематографот Дејан Димески, а визуелните ефекти на филмот ги работеа студиото за пост продукција „Видео Хаус анимејшн“ и македонски артисти. Кастингот на филмот е интернационален, а главните улоги ги толкуваат Мозес Гомез – Сантош, Хоџи Фортуна, Ула Фурлан и др.
Дејството на филмот е дистопија, се случува во дехуманизирано општество во кое апликацијата „скаут“ е најпопуларната социјална мрежа меѓу луѓето преку која тие може да споделуваат видеа во живо или вести, за што добиваат пари. Колку е подобар стримингот што го имаат, толку повеќе пари и популарност ќе заработат. Така, сите постојано снимаат популарни личности и криминални активности, без да се обидат да им помогнат на жртвите. Главниот лик е Гас, професионален мотоциклист особено популарен на „скаут“ со огромен број следачи. Гас е апсолутен зависник од адреналин и од социјалната мрежа, тој живее за своите следбеници и можноста да ги воодушеви со неговите способности. На денот на неговата венчавка со Сара, Гас е решен да го има најдобриот ден во животот. На инсистирање на Сара, тој го остава телефонот и ветува дека нема да врши пренос во живо. Но, денот нема да биде совршен како што замислил Гас.
Филмот „Извидник“ има голема продукциска вредност и носи силна порака.
– Технологијата ни овозможува да се скриеме во сопствениот балон без да посветиме внимание на поискрената верзија од себе. Технологијата донесе многу добри работи, но не смееме да заборавиме дека секогаш постои негативната страна на сѐ. Преку овој филм сакам да ја истражам темната страна на технологијата и како таа може да се одрази дури и врз најбезопасната личност. Главната порака е „види што имаш и ќе видиш дека не ти треба повеќе“. Најчесто не ни е важно што имаме, туку секогаш сакаме повеќе. Следејќи ја оваа формула може да се загубиме многу брзо и нашиот живот да се испреврти во секунда – вели Цветков.
За продуцентот Сашо Пешев, работењето на теми кои се актуелни за современиот, технолошки забрзан свет, секогаш е предизвик.
– Драго ми е што можеме да отвориме прашање кое е особено актуелно последниве години и со кое секој може лесно да се идентификува, да се препознае во содржината. Задоволен сум што излеговме од некои шаблони на теми кои беа карактеристични за Македонија и регионов последниве години и дека го држиме чекорот со светот и во начинот на кој е снимен филмот, изработката на сетот, на сцените, начинот на кој е работена пост продукцијата. Иако е краток филм, сепак станува збор за скап, квалитетен филм, кој има посебна продукциска вредност. Жанрот на научна фантастика е особен предизвик за работа – вели Пешев.
Филмот „Извидник“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.