Изработени Студија и Стратешки план за заштита на Старата чаршија во Битола

Од:

Со Студија за ревитализација на Старата чаршија во Битола и со Стратешки менаџмент-план за заштита на ова значајно споменично јадро е заокружен проектот „Зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџмент – ШЕРПЛАН”, кој со средства од ИПА-фондовите на ЕУ, се реализираше од октомври 2011 до февруари 2014 година, соопшти Министерството за култура.

Проектот, освен изработката на Студијата чија основна цел е да ги валоризира, заштити и промовира вредностите на Битолската чаршија со имплементирани социо-економски, историски, биофизички и инфраструктурни аспекти и на Стратешкиот менаџмент-план за заштита на ова јадро, опфаќаше и изработка на ГИС-мапа за 50 објекти во Старата чаршија, типолошки извештај за заштита на културното наследство, организирање работилници на кои граѓаните можеа да ги истакнат своите идеи и мислења за унапредување на заштитата на споменичната целина, семинари и друго.

Овие документи, кои беа изработени од експерти од областа на заштитата на културното наследство и туризмот, претставуваат основа и пишани прирачници за тоа како треба во иднина да се развива Старата битолска чаршија која, со модернизацијата, започна да го менува својот изглед, а со тоа се појави и ризикот да се изгубат типичната архитектура, занаетите, манифестациите и други културни вредности кои се дел од локалната традиција, а истовремено претставуваат и туристичка атракција.

Во проектот „ШЕРПЛАН“ беа вклучени 13 партнери од неколку земји од Европа и регионот, односно, од Македонија, Италија, Австрија, Словенија, Црна Гора, Албанија, Грција, при што водечки партнер беше Автономниот Регион-Фриули Венеција Џулиа од Италија, кој имаше координативна улога.

Проектот „ШЕРПЛАН“, во основа подразбираше изработка на посебна методологија за планирање на заштитата на културното наследство. За таа цел, во сите земји-партнери на проектот, беа избрани споменични целини кои претставуваат дел од богатото културно наследство на регионот и во нив, во изминатиот период, се реализираа различни проектни активности.

Проектот ги истакна принципите на европските институции во интегрираниот пристап кон заштитата на културното наследство, како и заложбите на Република Македонија партнерски да учествува во проектите што ја продлабочуваат регионалната соработка и промовираат нови и одржливи методи за зачувување и користење на културното наследство.

Проектот беше поддржан од УНЕСКО и се имплементираше во рамките на Транснационалната програма за соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Неговата имплементација, како што посочува Министерството за култура, е од исклучително значење за Република Македонија бидејќи, со неговото одговорно и ефикасно спроведување, се обезбеди значајна поддршка за исполнување на критериумите за влез на земјата во ЕУ.

Би можело да ве интересира

Директор на ЈП „Пазари“ Битола склучил јавна набавка со фирма избришана од Централен регистар

А1он

Претреси во Битола, приведени двајца дилери, пронајдена дрога

А1он

Маж од Битола ја следел и ја вознемирувал сопругата со која се во бракоразводна постапка

ЦУК: Во близина на Битола се преврте цистерна со плин

Орце Костов

Пијан насилник нападнал полицаец во Битола

Притвор за осомничен кој во повеќе наврати силувал 14-годишна девојка во Битола

Орце Костов