Изложбата „Копии-фрески од колекцијата на Музејот на Македонија“ во Софија

Од:

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија, вечер во 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Копии-фрески од колекцијата на Музејот на Македонија“.

Изложбата ќе ја отворат директорот на Културно-информативниот центар, Васко Шутаров и Мирјана Нинчовска, директор на Музејот на Македонија. Според Шутаров, ова е најзначајниот проект во програмата на Центарот во 2016 година, а задоволство од успешната соработка и отвореност за идни заеднички изложбени проекти била изразена и од Музејот на Македонија, информираат од КИЦ во Софија.

Колекцијата, која се состои од 240 копии е формирана во текот на годините како еден вид музејска документација на фрески од македонските цркви и манастири. Копирани се иконографски претстави од големо културно и историско значење, кои придонеле монументалното сликарство на Македонија да најде значајно место во антологијата на византиската уметност.

Во рамките на изложбата ќе бидат поставени 22 копии-фрески датирани од периодот на X до XIV век, како избор од цркви што претставуваат најзначајни остварувања на зрелата византиска архитектура во Република Македонија. Посетителите ќе имаат можност да погледаат ликовно-иконографски претстави на композиции од Стариот и Новиот завет, литургиски сцени, ликови на христијански великодостојници и просветители, светци и сцени од нивните житија, како и ктиторски композиции. Уметниците кои ги создавале копиите на иконографските претстави во нивните оригинални димензии и колорит, во техника масло на платно, се Здравко Блажиќ, Љубодраг Маринковиќ – Пенкин, Ганчо Бошковски, Спасе Спировски, Никола Цонев и Владо Деловски. Благодарение на нивниот талент, ентузијазам и нивните вешти раце, сочувани се од заборавот некои неповторливи претстави од византиското фреско-сликарство.

Автор на изложбата и текстот за каталогот е Марија Мурџева, кустос – советник во Одделот за уметност, а ко-автор на изложбата и автор на фотографиите е Орце Нинески, кустос во истиот оддел при Музејот на Македонија.

Би можело да ве интересира

Клупска изложба на фотографии „Мајски салон 2024“ во Центарот за култура во Куманово

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“