Изложба „Трансфигурирање“ за 20 години дипломатски односи со Чешка

Од:

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и министерот за култура на Чешката Република Даниел Херман вечер во галеријата на Чешкиот центар во Прага свечено ќе ја отворат изложбата „Трансфигурирање“ на Националната галерија на Македонија, соопшти Министерството за култура.

Изложбата, на која се поканети голем број гости и претставници на дипломатскиот кор, е централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република во чии рамки, во текот на целата година, беа презентирани повеќе културни содржини.

Канческа-Милевска денеска ќе оствари и билатерална средба со својот чешки колега, на која ќе разговараат за интензивирање на соработката во областа на културата меѓу Република Македонија и Чешката Република.

На изложбата „Трансфигурирање“, чиј куратор е Ана Франговска, се презентирани дела од реномирани македонски уметници, припадници на различни генерации, меѓу кои се: Јован Шумковски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ирена Паскали, Велимир Жерновски, Мирна Арсовска, Марија Сотировска, Игор Тошевски, Нада Прља, Игор Сековски, Антони Мазневски, Борис Шемов, ОПА, Искра Димитрова, Александар Спасоски, Атанас Ботев, Жанета Вангели, Вана Урошевиќ, Александар Станковски, Дијана Богдановска, Благоја Маневски и Славица Јанешлиева.

Претставувањето на македонската современа визуелна сцена во чешката престолнина следува по реализацијата на изложбата на реномираните чешки уметници Петра Јовановска и Јиржи Кованда во Националната галерија на Македонија.

– Годинашното јубилејно одбележување на двете децении дипломатски врски со Чешката Република беше проследено со повеќе културни активности кои се реализираа со поддршка и во соработка помеѓу Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија во Чешката Република и амбасадорот Паскал Стојчески. На особен прием кај чешката публика наидоа настапот на македонскиот реномиран музичар Сашо Гигов-Гиш и неговиот состав „Ла колони волвокс“, концертот на македонската етногрупа „Баклава“, изложбата „Експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и настапот на културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“. Беше одржана и македонска литературна вечер која беше посветена на добитниците на наградата за литература на ЕУ, како и на преводите од македонската и од чешката литература, како и изложба на карикатури на Галеријата „Остен“. Само пред неколку дена, во театарот „Редута“, претставата „Македонска приказна“ на Театарот за деца и младинци собра бурни аплаузи, а во историската сала на Јан Дејл конзерваториум во центарот на Прага, концерт одржа дуото „Скупи“, информира Министерството за култура.

Република Македонија и Република Чешка имаат традиционално добра соработка во сите дејности на културата, а во 2009 година првпат беше потпишана Спогодба за културна соработка со што се отвори можност за подинамична размена на културни содржини меѓу двете земји. Во 2009 година во Прага беа одржани и Денови на македонската култура во кои преку комплексна програма „Под македонско сонце“ беше претставена македонската култура.

Би можело да ве интересира

Клупска изложба на фотографии „Мајски салон 2024“ во Центарот за култура во Куманово

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“