Вечер, 20 октомври 2022, во НУ Центар на култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово со почеток во 20 часот ќе биде отворена самостојна изложба со наслов „АКТ“ на ликовниот уметник Ненад Тонкин. Изложбата содржи 8 скулптури од последните два циклуси на уметникот. Ова е 9-та самостојна изложба на Тонкин и ќе биде отворена до 03 ноември 2022 година.
„АКТ е изложба на скулптури, со мал и голем формат, кои се дел од два циклуси изработени и изложувани во различни периоди. Скулптурите одбрани да бидат дел од овој концептот ги спојува една главна карактеристика – фигурацијата, односно приказ на човечко тело. Другата важна заедничка особина за овие дела е што се изработени исклучиво со употреба на рециклирани материјали, отпад и ready-made / ready-found објекти.
Актот како ликовен мотив е многу честа појава во ликовното творештво. Претставено преку различни видови уметнички стилови, од класичен до апстрактен, човечкото тело е вечна инспирација за истражување и создавање. Во рамки на овој концепт уметникот се обидува да го претстави човечкото тело преку една друга, нетипична перспектива на набљудување на формата и суштината на телото. Така, има скулптури чие создавање е инспирирано од детски цртежи каде не се истакнува анатомијата и пропорциите на човечкото тело туку првенствено е запазен детскиот слободен и креативен израз. Има и такви скулптури кои се создадени врз основа на одреди чувства на уметникот или пак скулптури кои се вид на илустрација на негови претрпени стравови, од детството но и актуелни. Сепак, сите тие имаат или барем се трудат да имаат некаков облик со одредени карактерни црти и лик својствени за човечкото тело.“
Ненад Тонкин е воспитувач во градинка и академски скулптор. Неговата магистерска теза од областа на скулптурата го истражува и анализира уметничкиот предизвик при создавање скулптури инспирирани од цртежи на деца од градинка. Работел во детска градинка како воспитувач. Одржал и креирал неколку детски ликовни работилници. Дизајнира сценографија за театар. Изработува скулптури исклучиво со употреба на рециклирани материјали и најдени готови предмети. Реализирал повеќе самостојни и групни ликовни изложби во земјата и странство.Насликал неколку мурали со поголеми димензии. Автор е на музика за неколку театарски претстави. Компонира и издава своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem. Бил член на музичката група Bei the Fish. Роден е и живее во Скопје.