Прв интернационален фестивал на сатирата, хуморот и карикатурата „Итар Пејо“, ќе се одржи денеска во Битола, во организација на Институтот за култура и уметност при Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“.
На отворањето беседа за Итар Пејо ќе одржи Васил Тоциновски. Ќе биде отворена изложба со 50 карикатури по повод 50 години творештво на Јордан Поп Илиев, за чијшто опус ќе говори Јордан Ѓорчев. Во слава и чест на Владо Јоциќ и Софе Штерјоски обраќања ќе имаат Христо Петрески и Миле Ѓорѓијоски.
За хуморот и сатирата во Источна Македонија, како што информираат организаторите, краток осврт и пресек ќе направи Иван Бојаџиски, по што ќе настапат истакнати афористичари, хумористи, сатиричари и карикатуристи од Битола и Републиката.
Во рамки на фестивалот ќе биде промовирана и прва илустрирана антологија на еротски афоризми од македонски, европски и светски автори „Будење на петелот“. Фестивалот ќе заврши со распишување на меѓународен конкурс за афоризам, хумореска и карикатура за 2017 година.